Lex est quod populus jubet atque constituit

Sunday, April 30, 2017

27.04.2017




Гаќи


Постои една суштинска разлика помеѓу настаните во Собранието на РМ од 27.04.2017 година, и протестите кои се случуваа во Република Македонија, а кои се однесуваат по повод протестот на малата група студенти по архитектура во 2009 година на Плоштадот „Македонија“, протестите по повод убиството на Мартин Нешковски на истиот Плоштад, бркањето на пратениците од 24.12.2012 година, студентските протести од 2014/15 година, протестите кои произлегоа од пуштените т.н. „бомби“ на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, како и протестите од противправната и противуставната аболиција на Претседателот на РМ, г-дин Ѓорѓе Иванов.

Мотивот во кривично-правната природата на настаните кои се случија ноќта на 27.04.2017 година, во Собранието на Република Македонија се суштинското во нив. Тоа е така, бидејќи при изборот на Претседател на Собранието на Република Македонија, малубројниот народ кој беше собран од т.н. Иницијатива „За Заедничка Македонија“ влезе во законодавниот дом, и попатно, буквално, демонстрираше невидено насилство до сега во Македонската парламентарна и демократска историја. Понатаму во текстот ќе се обидеме да навлеземе во конкретни кривично-правни проблеми и поенти, кои произлегоа од посочениот настан. При тоа, не би навлегувале во општа правно-филозофска анализа, ниту пак било каква анализа за дијалектиката на настанот, од причини што се тоа нам веќе ни е добро познато и елаборирано претходно.

Во светло на овие настани ни доаѓа казненото право и казнено-правната теорија и практика. На кусо, предлагам да појаснеме конкретни поими како би можеле да добиеме појасна слика за разликата која треба да ја истакнеме.

Според нашиот кривичен законик (неофицијален пречистен текст од 2015 година, преземен од интернет страницата на Министерството за Правда на РМ), според чл.7 од истиот, кривично дело е противправно дело што со закон е определено како кривично дело, и чии обележја се определени со закон. Според чл.11 ст.1 од истиот закон пак, под кривична одговорност, кривично е одговорен сторителот кој е пресметливи што кривичното дело го сторил со умисла или од небрежност, и при тоа бил свесен или бил должен и можел да биде свесен за забранетоста на делото. Тоа значи дека секое она противправно дејствие, чии обележја се сочинети во Кривичниот законик како дела, е насочено кон одредено правно добро кое е заштитено врз основ на закон. Таквите правни добра, во суштина, се определени индивидуални и општествени вредности и добра. Значи, законот штити од повреда или загрозување на тие добра. Уште во римското право, противправните дејствија, т.е. кривичните дела (delicta publica – crimina), биле извор на облигациите, односно биле во функција да ги заштита приватните и јавните односи на римските граѓани. Пред Законот за 12 таблици, каде Injuria значела повреда на туѓите материјални и лични добра, кои не биле санкционирани со посебни прописи, важело начелото на Талионот: „око за око, заб за заб“, si membrum rupsit, ni cum eo placit talio esto.“ Подоцна, нападот врз материјалните добра на pater familias бил познат како damnium injuria datum, додека како delict injuria сите напади на сите личните или/и материјалните добра на римските граѓани. Значи овој вториот деликт, имал статус на општ деликт, кој што важел за сите, освен во ситуација кога pater familias бил загрозен со неговиот имот. Видно, (не)делото било гледано од призма на имотот и добрата, и правата кои произлегувале од нив (облигациите). Оттука практично и произлегле и потешките деликти (atrox) кои биле секаков вид на деликти и биле причинувани во одредено време, на одредено место (нужно било да е јавен собир) или против особено угледни лица (facto, tempore, loco и persona). Според тоа, римјаните веќе вешто го определиле односот меѓу она што претставува, сторител и дело; прво, да биде повреден имотот и правата (а со тоа и статусот, односно личноста facto et persona) кои произлегуваат од нив, и да постои личност/лица кои тоа ќе го попречат.

Така, од законската дефиниција предвидена во Македонскиот Кривичен законик, може да се констатира дека за да биде некое дело противправно, нужно е да биде определено со закон, и да му бидат опишани обележјата кои таквото дело го чинат противправно, од една страна, и оној кој го чини тоа не-дело да има конкретна врска со истото, да постои субјективен елемент кон конкретната објективна ситуација.


Селфи


Сега, кога веќе основата ни е сосем јасна, да се осврнеме кон она што претставува казнена одговорност. Основата на казнената одговорност, т.е. нејзина претпоставка, како индивидуална и субјективна одговорност на сторителот и неговото дејствие, претставува вината (culpa). Таа е социјално-етички прекор кој му се упатува на сторителот за извршеното дело, и без неа нема казна како вид на санкција (nullum crimen nulla poena sine culpa). Исто така, таа е еден вид на субјективна одговорност, но пак ако субјективната одговорност подразбира слобода на волјата, можност за слободно одлучување и избор меѓу доброто и злото, правото и неправото, се поставува прашањето дали човекот воопшто е слободен во изборот на своите постапки? Вината не може да се сведен на етички неутрален суд, заснован врз психолошки факти, ниту пак исклучително врз основ на моралната вина. Во таа смисла, таа би се гледала од аспект на сторителот, како морална вина, во контекст на лично чувство на одговорност, преку преземање на нешто што е морално недопуштено. Од кривично-правен аспект, вината е нешто покомплексно.
Според чл.11 ст.1, како што рековме, кривично одговорен е сторителот кој е пресметлив, па според тоа, пресметливоста е основен елемент на вина. Тоа значи дека сторителот има посебен однос кон делото. Тој е способен да изгради конкретна психолошка врска со делото, со неговото значење, и да формира одредена волја во согласност со барањата за почитување на заштитените правни добра. Со други зборови, неговата личност, која има изградено сопствен, специфичен идентитет, и сиот нејзин потенцијал е таа која е способна за вина и за степен на вина. Тоа подразбира да сторителот има определена свест за делото и волја за неговото извршување. Тие две нешта се основни претпоставки за умислата, која го појаснува сакањето на делото, како основна нишка за степенот на вина. Од друга страна, ваквите карактеристики на вината, подразбираат и опфаќаат не само самостоен однос кон делото, туку и конкретни квалификативи кои подлабоко ја објаснуваат вината како таква, а тоа е дали постои индивидуален удел во делото, до колкав степен и дали доколку постои удел т.е. учество во дело, до колкав степен е истото.

Со овие заклучоци, веќе навлегуваме во сферата на прашањата кои треба да ги одговориме на почетокот од нашата расправа.

Настаните од 27.04.2017 година, ја опфаќаат токму оваа проблематика. Следејќи ја хронологијата на настаните и дејствијата може да се забележи дека противправните дела причинети на тој критичен ден имаат и квалификаторен елемент. Како квалификаторен елемент во противправните дејствија случени во Собранието на РМ, спаѓаат формите на учество во казнените дела, односно единството и плуралитетот во дејствијата на казнените дела, како и продолженото кривично дело како форма на сторување.

Во Кривичниот законик на РМ, под формите на учество во казнивите дела, спаѓаат: соизвршителството (чл.22), поттикнувањето (чл.23), како и помагањето (чл.24). Во одделот каде што се предвидени формите постојат и одредби кои се однесуваат на границите на кривичната одговорност и на казнивоста на соучесниците (чл.25). Кога станува пак збор за единството т.е. плуралитетот во дејствијата на казнивите дела, Кривичниот законик во чл.44 го предвидува Стекот на кривичните дела, додека во чл.45 го прецизира Продолженото кривично дело.


Пред портите


Имајќи ја в предвид опсежноста и комплексноста на сите тие настани треба исто така да се има в предвид и дека покрај квалификаторните елементи на причинетите кривични дела, мора многу внимателно и систематски да се пристапи и кон конкретните причинети кривични дела т.е. нивните законски битија, учеството при сторувањето на нивните законски битија, поединечно по сторител, дали се причинети од поголема група, во поголема група, колкаво е учеството на поединецот во групата, дали поединецот во групата имал поголемо влијание и какво, дали влијаел врз други лица, дали поттикнал други лица, дали бил поттикнат од други лица и слично. Еве за кои можни кривични дела станува збор, сукцесивно наброени, распоредени по Глава во Кривичниот законик.
Од Глава четиринаесетта каде што се кривичните дела против животот и телото, произлегува кривичното дело Убиство по чл.123, како и кривичното дело Тешка телесна повреда по чл.131.
Од Глава дваесет и осма од Кривичниот законик, која се однесува на Кривичните дела против државата, произлегуваат: Велепредавство (чл.305), Грабнување на претставници на највисоките државни органи (чл.310), Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (чл.313), Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост (чл.319), Здружување заради непријателска дејност (чл. 324), Криење и помагање на сторител во извршено кривично дело (чл.325).
Од Глава триесетта од кривичните дела против службената должност, произлегуваат: Злоупотреба на службената положба и овластување (чл.353) и Неизвршување на наредба (чл.353-б).
Од Глава триесет и прва, од кривичните дела против правосудството, произлегуваат: Непријавување подготвување на кривично дело (чл.363), Непријавување кривично дело или сторител (чл. 364) и Помагање на сторител во извршено кривично дело (чл.365).
Од Глава триесет и трета, каде што се класифицирани кривичните дела против јавниот ред и мир, може да произлезат дека се сторени: Спречување на службено лице во вршење службено дејствие (чл.382), Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста (чл.383), Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие (чл.384), Учество во толпа што ќе изврши кривично дело (чл.385), Насилство (чл.386), Организирање на отпор (чл.387), Договор за извршување на кривично дело (чл.393) и Злосторничко здружување (чл. 394).

Вака наброени, на повидок ни се вкупно 21 (дваесет и едно) кривично дело. Не мора да значи дека се исполнети законските претпоставки кои би укажале на тоа дека постојат основи на сомневање дека сите овие дела сукцесивно се причинети, или барем некои од нив, но сепак  кон нив мора да се пристапи особено внимателно. Истовремено, можеби од истражните дејствија преземени од страна на Министерството за внатрешни работи на РМ, како и предистражната, односно истражната постапка од страна на Обвинителството, ќе произлезат и нови кривични дела неспоменати погоре.
Во секој случај, треба и мора да се увиди индивидуалното учество на поединецот во секое од овие кривични дела, а истовремено треба да се увиди и дали во дејствијата причинети пред влезот во зградата на собранието, имало причинско последична врска за настаните кои доведоа до бруталното насилство демонстрирано на самиот крај. Исто така, мора да се утврди и дали постоел претходен договор, т.е. претходни дејствија кои довеле до насилството внатре во парламентот, а истите тие дејствија се одвивале надвор од него. Мора да се утврди и дали постоеле дејствија кои биле така причинети, за еден подолг временски период, како истите би биле причинети при евентуален избор на спикер на собрание, односно избор на Влада на РМ. Кога станува збор пак за избор на Влада на РМ, треба да се има в предвид и дека тој чин не е сеуште завршен, па оттука и прашањето, кога станува збор за посочените дејствија со нивен квалификаторен елемент, дали можеби дејствијата на конкретни дела, кои сеуште не се довршени, иако се веќе причинети?


„Домаќине, „добри гости“ ти дојдоа!“


Ние овде ќе се осврнеме на проблематиката на преземените дејствија, за сметка на природата на кривичните дела. Многу по важно е да се опсервираат квалификаторните елемнти кои би го дале описот на конкретно дело/дела, отколку на бројот и природата на самите дела. Тој пат е мошне поедноставен од причини што најпрво секое претпоставување за кривично дело само би не втурнало во непотребно шпекулирање кое може да доведе само до револт, второ, многу поедноставно е да се согледаат конкретните дејствија, природата на нивното учество, па на тој начин читателот сам да добие една слика за тоа кои конкретни кривични дела се сторени, односно постојат основи на сомневање за нивно сторување. И трето, квалификаторните елементи, споменати погоре, ќе придодадат кон опсежноста на овој настан многу повеќе кон неговата структура, противправна поставеност во законот, како и мотив и природа на преземените дејствија.

Истовремено, во оваа фаза, премногу е лесно да се даде опис и квалификација на дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело, односно Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие. Ако се земе в предвид дека од видео снимките прибавени од Собранието, снимките причинети од новинарските екипи, како и снимките од луѓето, т.е. пратениците, направени непосредно внатре во просториите на Собранието, тогаш може да се утврдат поединечни дејствија кои одат во насока на остварување на законското битие и на други казнени дела.
Истовремено, треба да се има во предвид и дека воочените дејствија на непосредните учесници, даваат индиции и дека истите се случиле и со особен придонес и на повеќе лица во едно или повеќе дела. Дел од тие лица можеби и не биле воопшто присутни во зградата на Собранието, но со нивните дејствија, временски распоредени, и под претпоставка испланирани, дале одреден придонес и удел во сторувањето на конкретните дела. Со тоа тие може да се сметаат за индиректни учесници во остварување на законското битие на делото. Тоа би значело дека тие лица/лице, дале особен придонес преку преземање на друго дејствие кон делото, но не и директно дејствие на извршување. Да погледнеме на кусо за што станува збор.

Кога во извршувањето на казненото дело нема други учесници, тогаш може да кажеме дека станува збор за единствен извршител. Доколку пак покрај извршителот учествуваат и други, станува збор за непосреден извршител. Според чл.22 од кривичниот законик, доколку повеќе лица, со учество во дејството на извршување или со друг особен придонес кон извршување на делото, заеднички сторат казнено дело, секое од нив се казнува со казната пропишана за тоа дело. Е сега, се поставува прашањето, што се подразбира под тоа „други дејствија“ и кои се тие „други дејствија“ т.е. „друг особен придонес“. Тоа истовремено значи и до кој степен се тие дејствија во поглед на делото, па на кој начин и би можело да се третира индивидуализацијата на казната, доколку се утврди придонесот како таков. Најпрво, оваа позиција на „други дејствија“ кон извршувањето на делото, може да се смета т.е. подведе само преземањето на некое дејствие кое е за време на извршувањето на делото. Доколку таквото дејствие, кое е по претходен договор, е преземено пред или по довршување на делото, тогаш ќе се третира како соучесништво. Тоа значи дека секое поттикнување, помагање со давање средства за извршување на делото, значи, овозможување да се оствари битието на делото, можност за прикривање на предметите, сторителот, и слично, се третира како соучесништво. Ваквото третирање, се смета како особен клучен придонес кон неговото извршување, и кое претставува квалитативен момент на неговото извршување. Ова претставува објективна страна на соизвршителството.
Субјективната страна е личниот однос кон соизвршителството, односно заедничко договарање за делото, кој најчесто се постигнува пред или во текот на извршување на делото. Таквиот т.н. договор, подразбира и поделба на улогите, која може да е договорена претходно, но не е исклучок и да се договорат улогите и на самото место на извршување на кривичното дело. Секако, тука има и степен на удел во конкретните дејствија пред и по договарањето, но мошне впечатлив е моментот каде при дело извршено во соизвршителство, постои и дополнително, сукцесивно, приклучување кон делото, дело чие извршување го започнал некој друг. Ова оттаму што, видно од видео снимките и фотографиите објавени во дневниот печат и медиумите, а секако и прибавени од страна на полициските службеници, може да се забележат сукцесивни дејствија на едно или повеќе лица кон оштетени. Со оваа претпоставка, доаѓаме до клучниот заклучок во овие неколку редови, а тоа е дека сепак, делата се вршат исклучиво лично, па оттаму и тенденцијата на нашиот законодавец, дека делата и казната според нив, мора да биде строго индивидуализирана. Така, во поглед на овие претпоставки за соизвршителство, треба да се има и во предвид дека можеби и дејствијата кои сите ние ги видовме на 27.04.2017 година се строго извршени лично, од луѓе со конкретна цел, своерачно. Тоа значи дека дури и да две лица по основ на договор сторат исто кривично дело, и двајцата ќе одговараат за своето дело, лично, индивидуално. Сосема друга е ситуацијата каде еден од овие двајца извршители т.е. соизвршители, го користи другиот како средство за извршување на делото, односно со посредство. Тоа се нарекува извршување на дело преку друго лице, или посредно извршување. И сосем јасно, овде треба исто така да се земе в предвид фактот дека лицето кое добило одредени насоки, од т.н. посреден извршител, можеби е доведено во заблуда (правна и стварна заблуда), постапува од небрежност, истото е неспособно за вина, било под присилба и слично. Можеби и некој од непосредните извршители, добил наредба да дејствува, а бил обмислено поставен да делува како жртва, иако во оваа ситуација немаше последици по истите, како би се сметале за жртви.


Беседење...

Понатаму, во ваквите дејствија, кои до сега ги расправаме, а кои очигледно веќе претставуваат мошне комплексни по својата природа, веќе навлегуваме во сферата на „дејствија на соизвршителство при искористување на друг“. Тоа значи дека, одреден посреден извршител што ги остварува сите свои објективни и субјективни елементи за сторување на конкретно дело/дела, користи друго лице за извршување на истите, односно да го доведе во позиција на „средство“. Е сега, тука исто така треба да се разграничи и до кој степен тоа „друго лице ги презема посочените дејствија. Тоа т.н. друго лице, може и да ги надмине „очекувањата и насоките“ на наредбодавецот, но може и да се држи стриктно кон дадените наредби. За вакво дејствие на посредниот извршител неопходна е претпоставка за постоење на умисла, т.е. волја за искористување на друго лице како „средство“.
Тука веќе навлегуваме и во обемноста на таа операција, па видно од настаните, т.е. од видеата прикажани се поставува следното прашање: „А што ако во самата зграда на Собранието имало посредни извршители и средства, односно, дали надвор од зградата на Собранието имало и други извршители, па оние во Зградата да се наречат извршители на извршителите?“ Овие прашања се оправдани, ако се имаат во предвид вербалните дејствија на лидерот на ДПМНЕ, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, полициските сили внатре во зградата на Собранието кои ги видоа, пропуштија, се поздравуваа и не реагираа на маскираните лица, не реагирањето на сега разрешениот директор на БЈБ Митко Чавков и други. Истото важи и за дел од пратениците на ДПМНЕ кои го посведочија тој настан, а подоцна реагираа како тоа да не се случило.
Еве до каде е комплексноста на сиот овој настан, и до кој степен на внимателност мора да му се пристапи. Од овие правни претпоставки, мошне јасно е дека т.н. „извршител зад извршителот“ не е само обичен извршител или т.н. поттикнувач во смисла на чл.23 од Кривичниот законик (Тој кој што друг со умисла ќе поттикне да стори кривично дело, ќе се казни како да го сторил самиот. Тој кој што друг со умисла го поттикнува на извршување кривично дело, за кое според законот може да се изречат пет години затвор или потешка казна, а нема да се направи ни обид за дело, ќе се казни како за обид за кривично дело), тој е организатор т.е. наредбодавач. Таквото лице врз основ на Кривичниот законик може да одговара за извршено самостојно дело, покрај делото кое е извршено со поттикнување или соизвршителство. Дел од такви дела веќе споменавме, а тоа е делото по чл.324 од КЗ, Здружување заради непријателска дејност, односно делата, Договор за извршување на кривично дело (чл.393) и Злосторничко здружување (чл. 394). Како надополнување, доколку наредбодавецот е службено лице, па службените лица овластени за обезбедување на зградата на Собранието делуваат во согласност со неговите наредби, тогаш секако постојат основи на сомневање за сторено дело по чл.353 од КЗ, Злоупотреба на службената положба и овластување и по чл.353-б, Неизвршување на наредба.

Овде доаѓаме до една друга фаза која дава едно друго светло на сторување на можните кривични дела, а тоа е претпоставката дека тој, т.н. наредбодавач (доколку има таков), можеби и не се однесувал така, туку, делувал со умислено создавање на одлука кај друг. Според чл.23 ст.1 од КЗ, поттикнувањето е умислено создавање или зацврстување одлука кај друг за извршување на кривично дело. Таквиот поттик од т.н. наредбодавач – творец на одлука кај друг, има одреден психолошки однос за создавање на одлука кај друг да стори дело, како и однос кој се состои во материјализација на делото – негово реализирање и остварување. При тоа, повторно, тоа не значи дека директниот извршител не е свесен за последиците на делото, ниту пак да знае во прв момент дека е поттикнат дека ќе стори дело.

Попластично речено, на пример, во смисла на актуелните протести, сите ние ја сакаме Република Македонија. Индивидуално сите имаме различни чувства и сфаќања за нашиот емотивен однос кон Државата, меѓутоа, самото прикажување на состојба на загрозеност на територијалниот интегритет и суверенитет, во ситуација каде тоа не постои, па повикување на опасност од екстерен фактор, кој не е прикажен, доведува до состојба на заблуда и наведување друг да стори некакво дејствие и со тоа да загрози друг/други. Оној што е поттикнат, е поведен од помислата дека неговите постапки се исправни, бидејќи го брани она што го сака.


„Женкар“


Со ова веќе навлегуваме во претпоставки кои само го објаснуваат чинот на поттикнувањето и елементите содржани во него. На пример, умислата на поттикнувачот треба да содржи и свест за извршителот и за делото на кое се поттикнува. Таа умисла мора да содржи и свест за делото на кое се поттикнува. Се тоа, од друга страна пак, ги одредува границите на одговорноста на поттикнувачот. Во ситуацијата опишана погоре, можеби поттикнувачот го поттикнал некое лице само да влезе во зградата на Собранието, со кршење, да оштети конкретен имот, и предизвика страв и несигурност, но овој ете посегнал и по животот и телото на лица внатре во зградата. Можеби поттикнувачот тоа го сторил не само кон едно, туку кон повеќе лица.

Според тоа, видно од анализата погоре, многу е бледа констатацијата дека само дела од учество од толпа можат да се подведат како можни кривични дела во настанот од 27.04.2017 година. Тие секако се дела кои се резултат на реакција на толпа (спонтана), на неопределен круг на луѓе, кои се собрани врз основ на заеднички поттик. Психолошки земено, толпата има акумулирана агресивност, која само чека да биде ослободена, и која е најчесто предизвикана од конкретна систематска раздразливост поради одредени случувања. Таа е исто така споделена, иако единката во неа индивидуално ја манифестира, па оттаму е многу лесно во истата да се приклучат и други лица, ако се поистоветуваат со психолошката состојба. Меѓутоа, сосема друга е ситуацијата каде позади таа толпа постои и конкретна политичка организираност, па на дејствието, т.е. психичкиот модус и раздразливоста му се придодава и одредено политичко значење.

И во едната и во другата ситуација, учество во толпа, но и дела со политичко значење (политички кривични дела) можат да причинат казнени дела т.е. да остварат законски битија на кривични дела, на едно, две или повеќе, односно повеќекратно остварување на исто законско битие со едно или повеќе дејствија (чл.44 од КЗ на РМ – Стек). Па според тоа, сосема е јасно дека внимателноста за која зборувавме погоре е од аспект на намерата на сторување на кривичното дело, уделот, умислата, личноста и волјата на личноста да стори, пропушти, чини или не чини некое дело кое е забрането со закон.

„Тврдокорниот патриот со усташката маичка“


Заклучоци
На самиот почеток изнесовме теза дека постои суштинска разлика помеѓу протестите наброени на почетокот од расправата, и резултатот од протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ од 27.04.2017 година.

Најпрво да појасниме, за да не се доведеме до заблуда, секој, ама буквално секој е способен да изврши кривично дело до граници на својата пресметливост.
Оттука, значи дека свесноста за делото кое го чини, во овој случај во протестите, не само што значи и прифаќање на последиците од тоа дело, туку и извесен степен на каење и чувство за вина. Истовремено, тоа значи и дека целта на стореното дело е соочување со последиците.

Тоа значи дека треба да се разграничат, осознаат и сфатат мотивите за сторување на делото/лата. Ако мотивите за нарушување на јавниот ред и мир, учеството во толпа се прекршоци, т.е. дела кои се сторени поради тоа што „државата за некого се однесува како мајка, а кон друг како маќеа“, а институциите не можат да ја артикулираат правдата која насушно се бара да се манифестира за да послужи како пример за сите подеднакво, тогаш, како што вели проф.Д-р Димитар Апасиев во една тв дебата:„Сите прогресивни нации се јус натуралисти. Тие викаат, кога имате законско неправо, тогаш имате надзаконско право. Правото на отпор на владеаните, кои се владеани без согласност на тие кои ги владеат, имаат право на отпор.“Од друга страна, пак тука се мотивите на групата која изврши насилство во Собранието на 27.04.2017 година, чии мотиви се евидентни преку константното вербално искажување и повикување на сила.
Од паралела на овие две спротивставености треба да се пристапи и кон утврдување на кривична одговорност, односно степен на сторено кривично дело, од причини што самиот мотив, посакување на делото, го претпоставува и утврдува битието на стореното дело – уделот во него. Тоа е психичкиот, личниот однос кон делото. Да не заборавиме, и двете групи можат подеднакво да бидат раздразнети, но во ниту еден случај не можат да бидат ставени на исто равенство како сторители на различни или исти дела.

И најнакрај, како што органите на прогонот така експресно се ангажираа за апсење и судско процесуирање на лицата за кои наводно се имаше основи на сомневање дека сториле кривични дела во протестите против самоволието и законското неправо на оние кои автократски ја подјармиле власта, така и лицата, организаторите, чинителите и сите други сторители на можни кривични дела во настаните од 27.04.2017 година мора да добијат правосилна и извршна судска разрешница.
Судот, т.е. судскиот систем, тоа го должи на сето она неправо причинето, демонстрирано, а судски премолчено, за сите оние години, наведени погоре, граѓаните го изразија својот револт против автократските беснеења. Судот мора да застане позади надзаконското право, против оние кои причиниле законско неправо, а кои очигледно систематски го осмислија и изведоа 27.04.2017 година, па втурнаа и граѓани, загрозувајќи го и нивниот живот, тело и безбедност, покрај оној на пратениците од Собранието.
Доколку тоа не се случи, секое надзаконско право на отпор на владеаните врз оние кои ги владеат е сосема легитимно, исто онака како што беше легитимно во 2009, 2011, 2014, 2015 и 2016-та.

Легитимноста на отпор произлегува од потребата да се изрази неподносливиот јарем на угнетеност и неправо, а не на правото на сила, како што беше прикажано на 27.04.2017 година. Впрочем, тоа било, е и ќе остане основно човеково право. 


Ко за на гости....

No comments:

Post a Comment