Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, May 5, 2017

(A)Морално витештво

„3, 2, 1 Старт!
Драги мои, таму сме каде што сме, никаде.
Тонеме се повеќе и повеќе, од ден во ден, од минута во минута.
Сиромаштија, неспособност, сеир...
Партијата одеднаш стана се!
Личниот интерес ќе ве однесе кон пропаст, а таа, таа под земја, 2 метра под земјата!
О вие властодршци, о вие ВМРО-ДПМНЕ, о ти Никола Груевски, наскоро Чаушеску, зошто крајот ќе ти биде ист!
Бетмен Велит  - Фејсбук статус од 20 јануари 2012 година

„Не, не чувствувам одговорност како еден од иницијаторите на граѓанската иницијатива, бидејќи ние никаде не повикуваме на насилство, ниту пак сме повеле некого да биде насилен кон некого... “
Бетмен Велит – изјава дадена за ТВ од Скопје пред Собранието на РМ

Општествена маска


Моралот и правдата во македонското општество се декадентно инхерентни.
Откако македонското модерно општество го доби својот зародиш во 1991 година, до денес, се чини дека девијантно моралната, субјективна, жед за правда, креира експоненционално по крута и сурова неправда, отколку што реалната потреба за правда. Конституираната девиза и тенденција за владеење на право и правна држава, како дел од темелните вредности врежани во Уставот на РМ, повеќе остана како тенденција. Бледо ќе добијат само привидна живост и живот, само колку да се покаже дека системот, каков таков, барем формално, функционира.

Хронолошки гледано, секое едно дејствие, предизвикано од носителите – чинители на трите власти во Република Македонија, било причина за конкретна последица, а секоја пак последица, била чинител т.е. причина за креирање на нова последица. Обично, просто речено, тоа често го нарекуваме „неврзан круг“, но таквата изјава претпоставува дека тој круг е од некаква недопирлива природа, чија сила е надворешна, па секогаш кога ќе се соочиме со моралниот дускурс на тој круг, на тоа „неврзан круг“ одговараме: „ех, тоа е“. Иако на изглед нерешливи, нештата во суштина се далеку поедноставни отколку што се прикажуваат и сфаќаат.

На пример, при конституирањето на Република Македонија како независна и самостојна држава, односно при составување на нејзиниот Устав, од 1991 година, веднаш се заборавиле и отфрлиле над националните тенденции на Уставот од 1974 година, како и економските проблеми кои придонеле до распад на старата и економски нефункционална Федерација. Издигнувањето на државата строго врз етно-национални темели, придонело до бунт кај албанското население. Најпрво 1996 во Гостивар, потоа 2001 година, па потоа, откако се прифати компромис преку Рамковниот договор, до денес решавањето на тој национален проблем, како да е подзаборавен, па полесно е да се говори само како за национално загрозувачки проблем, со реторика иста како пред и по 1991 година.
Сличен пример е да речеме и со аферите за прислушување во Република Македонија, секоја од нив ја предизвикала следната, но ниту една не дошла до точка да остави пример, за да не се случи следен таков скандал, од причини што останале нерешени, најчесто од политички причини, а во име на правдата, правото и правичноста.

Сите настани и дејствија се причинско последично поврзани, па како кулминација е формата на правната држава онаква каква што ја имаме денес. Од тој контекст треба да се гледа и потребата за насилно влегување во Собранието на РМ, кое е исто така резултат, што на нетрансферирањето на Власта по изборите од 11 декември 2016 година, а што на одваженото субјективно дефинирање на моралната и кривична одговорност, на оние кои треба да ја понесат.
Секое едно дејствие, сврзано со овие настани и потребата за барање правда за истите, причинуваат неугодни морални компромиси, кои само одат на штета на барањето за правда, но не и разголување на нејзиниот нарушен однос со општеството.

Се додека не се расчисти со оваа трула морална состојба, се до тогаш она што претставува „правда“ ќе биде само една невкусна убиствена шега.
А такви шеги се чести во овие шегобијни мигови во македонското општество. На пример, при ситуација кога државата de-facto се нарекува држава, а de-iure не функционира како таква, истите оние кои ја бранеа унитарноста на државата, нејзината целовитост, и го оправдуваа нејзиното „прекрасно и беспрекорно“ функционирање, сега тврдат, одеднаш, дека таа е нефункционална. Истите оние кои жестоко ги прекоруваа тенденциите и појавите на национализмот во македонското општество, сега пројавуваат исти тенденции.
Со овие, а и други слични појави, се гледа дека моралниот интегритет на општеството е комплетно во распад.

Во второто продолжение од филмот Бетмен на Кристофер Нолан, „Темниот Витез“, главниот антагонист, Џокер, во моментот на најсилното темпо на дејствијата, како би го срушил моралот и психичкиот интегритет на Бетмен, ќе започне да врши најразлични морално дволични замки за „невините“ граѓани на Готам.
Целта на Џокерот е на крајот да го скрши Бетмен одвнатре.
Тој ќе бара од него да ја симне маската за сите да видат кој стои позади ликот на Бетмен. Ако Бетмен/Брус Вејн, тоа не го стори, одвратни нешта ќе се случат по населението на Готам.

Но во суштина, Џокерот знае дека тргањето на маската на Бетмен е безпредметна, бидејќи она што Бетмен/Брус Вејн треба да го направи е морално да пропадне. Моралниот кодекс на ликот од маската и под неа е вешто испреплетен, па е амбивалентно претпоставен за вистинскиот. Бетмен го крие својот морален интегритет позади развратниот Вејн, додека Вејн ја крие својата морално – политичка коректност позади развратот прикажан со филантропски шмек.

Разобличувањето Џокерот го прави систематски.

Најпрво ќе зароби обичен човек, кој понесен од ликот и делото на Бетмен, се облекува и дели правда како него. Џокерот го убива лажниот Бетмен, како пример пред јавноста да ако вистинскиот Бетмен не ја тргне маската пред јавноста, луѓе ќе умрат.

„#СитеЌеВисите“


Втората ситуација е кога извесен вработен ревизор во Претпријатието на Вејн ќе ја открие мрачната тајна на Вејн, па ќе посегне јавно да ја објави во локалната телевизиска куќа, откако неуспешно ќе сака да побара поткуп од својот претпоставен во Фирмата на Вејн, пријателот на Брус/Бетмен Луциус Фокс како замена за чување на тајната. Џокер нема да сака друг да му го украде задоволството во откривањето на маската, па сепак ќе пружи шанса на друг да си поигрува со судбината на Готам и ќе понуди услов. Ако поткажувачот Колман Рис, не е мртов за 60 минути, тогаш тој ќе крене во воздух Болница во Готам сити.
Равенството е мошне едноставно, Џокер не сака тајната позади Бетмен да биде препуштена на искажано сведоштво на ТВ од некој обичен човек. Вербата поклонета кон таквиот исказ е еднаква на најобичен трач, па ефектот не би бил постигнат. Со други зборови, вредноста на искажаната вистина мора да биде претрпена со ужасна и одвратна болка, во спротивно не би го имала ефектот на вистинитост – релевантност.

Во меѓувреме, Џокерот ќе му постави слична таква вредносна замка и на Бетмен. Ќе ги киднапира и зароби Јавниот обвинител на Готам, Харви Дент, и неговата асистентка и љубена, Рејчел Дос. Рејчел Дос истовремено е и најдобра пријателка и скриена љубовница и на Брус Вејн. Со тој чин, Џокерот ќе го наведе Бетмен на непристоен избор. Бетмен мора да избере чиј живот ќе спаси; оној на Јавниот обвинител Харви Дент, или на љубената Рејчел. Бетмен нема да успее да ги спаси обајцата. Рејчел ќе умре во експлозијата, а Дент како резултат од истата, психички и морално ќе умре, а физички ќе биде осакатен. Дент ќе постане Two-Face, Дволичниот, како израз на нерамномерната, фалична и дволична правда.

Третиот тест на Џокерот е еден социјален експеримент каде ќе постави бомби на два засебни траекти во кои се наоѓаат евакуирани граѓани од Готам сити. Во секој од траектите ќе постави и детонатор на бомбата од спротивниот траект. Во едниот траект се евакуираат „недолжните“ граѓани на Готам, а во другиот осуденици на кривични дела од локалниот затвор – „најдобрата колекција на ѓубриња на Харви Дент“.
Изборот е едноставен, кој сака, т.е. смета дека треба да преживее, да го уништи траектот на оној кој не за служува да живее. Ако се обидат да бидат двата брода кооперативни, тогаш Џокерот и двата ќе ги разнесе, а ако некој се обиде да избега од било кој од траектите сите ќе умрат. Доколку нема избор, на полноќ сите умираат. Оној што прв ќе направи избор, тој преживува.

Џокерот нема да успее во својот експеримент, но на долг рок „експериментот“ ќе одигра такво влијание, што практично само ќе го одложи и предизвика моралниот крах во општеството на Готам. Тој крах ќе се случи во третиот филм на Нолан, каде терористот Бејн ќе ја разголи скриената лага на купениот мир по настаните со Џокерот.
Скриената лага е дволичноста на Харви Дент, кој во време на ужасна граѓанска, политичка и морална криза во Готам, тој бил претставен во нешто што не е – Светол симбол на правда, справедливост, поредок и мир. Во суштина, токму тоа и се случува на крајот од Темниот Витез, каде по смртта на Дент, Гордон и Бетмен одлучуваат да ја сокријат одвратната страна на Дент, за да ја одржат социјалната структура и поредокот во Готам недопрени, под изговор на надеж.
Пред да умре, Дент открива дека: „...Погрешно е да се биде чесен човек во нечесни времиња... Светот е суров, и единствената моралност во суровиот свет е шансата, отелотворена во паричката на Дент, бидејќи таа е непоткуплива, без предрасуди и фер.“
Токму тоа е замката во која Дент запаѓа. Животот не е препуштен на шанса, бидејќи нашите дела се наши лични одговорности и ничии други. Но таквата дволична одлука, олицетворена во Дент, е во суштина вистинската природа на правдата, онаа „очекувана и вечно недостижна правда“, а не онаа која е неопходна и мора да се демонстрира.
Очекуваната правда секогаш потфрла на првиот знак на неволја, бидејќи зависи од екстерен фактор, но не и од демонстрирање на самата себе, заради потребата за самата себе.   

„Воведете малку анархија во Вашите животи“


Кога правдата, т.е. вистината не може да се соочи со непостојаниот морал, кој длабоко ја еродира нејзината суштина, тогаш таа не е правда. Правото, т.е. правдата постојат заради животот, а не обратно, па оттука моралот е тој чии што животни сфаќања, движења и дејствија ја пре-детрминираат правдата и правото.

Состојбата каде општеството функционира, но лагата за вредностите врз кои тоа е поставено опстојува, треба да стане неиздржлива и неодржлива. Дури тогаш може да бараме правдата да го заземе своето вистинско место. Се до тогаш, таа е дел од лагата. Со други зборови, ни треба лага за да го одржиме редот и мирот.
Вистинската шега не е во флоскулите дека, да речеме, Шарените биле платени или елитистички настроени, дека напаѓачите во Собранието биле недолжни луѓе кои не треба да се апсат. Дека новиот парламентарен спикер Талат Џафери поставил мало албанско знаменце покрај европското и македонското, дека Груевски бесрамно лаже и манипулира, дека Заев и покрај тоа што има сомнеж дека се занимавал со криминал, тој во основа е чесен човек. Дека во ситуација кога 10 години има систематско распаѓање и нефункционалност на македонската држава, лидерите на иницијативата „За Заедничка Македонија“, бранителите на функционалноста на Државата, ќе поднеселе тужба до Меѓународниот суд на правдата, затоа што македонската држава била нефункционална. Дека „Скопје 2014“ е прекрасен и покрај тоа што е прескап и шизофрено кичест, а економијата на работ на бездна.
Најнакрај, додека оние кои се спротивставуваа на очигледното авторитарно однесување на самопрогласените патриоти праведници, од сега веќе опозиционата ДПМНЕ, сега таа иста опозициона ДПМНЕ, преку нивниот лидер, повикуваат дека Македонија е диктаторска држава.
Очигледно, најголемата шега е тоа што се уште не знаеме, ниту пак имаме контрола врз ова општество, ниту пак знаеме дали овие досегашни практики ќе престанат или ќе продолжат.

Не можеме ниту да бидеме сигурни дека сличен настан како на 27.04.2017 воопшто е можен т.е. не можен да се повтори. Веќе не станува збор за системот на функционирање, со оглед да тој е веќе нарушен. Станува збор за сфаќањето, за интерпретацијата на дејствијата на поединци vis-a-vis системот. Дејствијата на поединци, или во најмала рака, групи, без оглед дали истите биле вербални или како физички дејствија (чинења или нечинења), пренесени и демонстрирани исклучиво од субјективна гледна точка, го нарушува односот меѓу она што претставува јавно, и она што е приватно. Волјата на поединецот, која се издигнува како репер над волјата на сите, во доменот на јавната сфера, ја нарушува и рамномерноста на она што би значело правда. Оттука, барањето за правда станува шега, во ситуација на нарушен морал претставува компромисна лага за да се одржи само суштината на зборот правда, но не и неговата директна и недвосмислена практика.
Ние веќе не препознаваме вистина од лага, реалност од фикција, формалност од практика.

Сиве овие изблици на моралност одненадеж се во суштина внатрешни морални компромиси на индивидуата, од една страна, како и компромиси на самото општество. И обете не се способни да ја воочат лагата како социјален принцип на организација на нашето социјално-политичко живеење. Како што вели Џокерот, многу полесно е да се подметнат реалните проблеми длабоко под тепих, отколку да се воочи дека е непотребно крената паника за понесување одговорност на еден дебел стар дволичен политичар. Во нашава ситуација, еродираниот Устав, немањето институции, еродирано судство, нефункционално обвинителство, обесправени работници, економско дно, еродирано образовани и слично, иако често говорени и расправани, во македонската граѓанска морална меморија се прифаќаат како нешто минливо, нешто кое е дел од системот кој едноставно така функционира и против кој ништо не можеме повеќе.

Единствен начин за да се сруши оваа нарушена неморално праведна состојба е да се посочи дека изворот на лагата е самиот систем – организацијата. Оној момент кога организацијата на социјално-политичкото живеење е во темел нарушена, тогаш може бараме правда и вистина, а до тогаш, се друго е арбитрарно и небитно.

Од сите овие причини неопходен ни е силен суд, силно и одлучно правосудство. Потребна остра и точна правосилна судска разврска на сите овие настани и личности, оти само судот е тој кој што го применува правото, го толкува, од него извира преку судските одлуки (го правораздава и оживотворува) и ја дава неговата релевантност – вистинитост. Ние мора да се соочиме со одвратноста на вистината и болката на правдата. Само на тој начин, правдата т.е. вистината ќе ја демаскираат лажноста на ова наше четвртвековно општествено државотворење.

„Во... види, во нивните последни моменти, луѓето ти покажуваат кои навистина се тие...“


„Да ги поздравиме сите кои на сила седат внатре, и забораваат дека на сила може и да излезат од внатре. Тие од кои треба да го браните Собранието се внатре!
...Овој објект... Овој објект не претставува нас. Граѓаните мора да го одбранат Собранието, од сите кои и мислат лошо на Македонија...“
Бетмен Велит – говор од протест на иницијативата „За заедничка Македонија“ пред Собранието на РМ

Да беше некој друг народ до еден ќе ги линчуваше и никој немаше да остане жив, но сепак овој благороден и питом народ закочи во тие последни моменти да не ги сможди како комарци на ѕид и да остане само црвена флека од нив. И не им доаѓа памет и покрај ова предупредување. Сепак, странците веројатно нема да се вмешуваат во можна граѓанска војна, односно народот ќе си воспостави своја власт или изнудување на воена состојба од претседателот Иванов, кој веројатно и тоа ќе го направи во даден момент и потоа ќе почне масовно да се апси. Овој народ не се шегува, беше доволно трпелив.


Ацо Станковски – Рембрант