Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, January 27, 2017

ЗА ДИСКУРСОТ НА ПОЛИТИЧКОТО ПОВТОРУВАЊЕ - дел II

III. – ДЕЦА НА ПУСТЕЛИЈАТА
На почетокот од Војна на Ѕвездите Епизода 7, во најавната шпица, стои: „...the sinister First Order has risen from the ashes of the Empire.. - … злокобниот Прв Ред се издигна од пепелта на Империјата...“. Веднаш по тоа, сцената се симнува на една пустинска планета, Џаку, која претставува најголем отпад на старини како биваат разјадени од забот на времето. Од сцените, очигледно е дека меѓу тоа ѓубре се и огромните борбени бродови на пропаднатата Империја, како и изгубениот Милениумски Сокол, симболи на едно време кои изминало, но кое после бруталниот конфликт, требало да се трансформира во еден просперитетен период во Галаксијата.
Видно од сцените позади кои чекори хероината во филмот, младата Реј, се чини дека се што е останато е само непрегледна пустина, надеж и ѓубре.

Џаку

Како би можеле да ги објаснеме и поврземе компарациите споменати погоре, нужно е да ги погледнеме нештата од перспектива на нашето локално, реал-политичко опкружување. 

Книгата на екс-пратеникот, и поранешен (маркантно чест) претседател на Собранието, Стојан Андов, фрла едно светло во зародишот на раната наша Република. Неговата „Драматичната 1991“ пресликува негово непосредно доживување и опишување на настаните кои придонесоа до крвавиот распад на заедничката Федерација – СФРЈ, локалното (македонското) гледиште на тие брзи, непредвидливи, трауматски и неизбежни настани, како и настаните кои ја предизвикаа сецесијата на Социјалистичка Република Македонија, и нејзиното конституирање како независна и суверена Држава.

Не би навлегувале во детална анализа на целокупниот пишан материјал, туку ќе извлечеме неколку поенти кои само би послужиле како параноичниот распад на една политичко-општествена нарација, произвел создавање на „нова“ нарација. Новата нарација, од денешна гледна точка, после 25 години, не е ништо помалку параноична од таа т.н. лепрозно отфрлената.

За да ги разбереме причините и последиците на она што се случувало во последните мигови на поранешниот сојуз на држави, односно во предворјето на независноста од 1991 година, мошне е важно, на кратко, да ги објасниме одредени околности кои довеле до таквото трагично распаѓање.
Во 1963 односно 1974 година, во Уставите на тогашната Социјалистичка Република Македонија, како нивни основни постулати биле воспоставени: општествената сопственост на средствата за производство; самоуправувањето како основа на политичкиот систем; делегатство како облик на одлучување; социјалистичка самоуправна демократија; работничко-класен суверенитет; класното како основа на националното; комунален систем како основа на државната власт и самоуправно-здружен труд (Светомир Шкариќ – Споредбено и македонско уставно право стр.272). Нормативниот текст на обата устави, проникнал како израз и сфаќање дека највисокиот акт на Државата треба да се постави како регулатор на општествените односи кои биле замислени да го градат новото, социјалистичко општество, и односите кои произлегуваат од тоа општество, вклучувајќи ги и економските. Тоа пак, од друга страна, значи и дека декларативните определби во одредбите на тие два устави се од програмски карактер. Тој пак програмски карактер произлегувал како израз на увереноста на уставотворецот дека станува збор за „оригинален уставен поредок со сигурна иднина“ (Светомир Шкариќ – Споредбено и македонско уставно право стр.273). Токму оваа тенденција, видно од настаните кои следеле, во суштина се покажала како погрешна. Наместо да се изврши толкување на противречностите кои настанале, а допринеле до определбата за нови Устави, па оттука и уставотворецот да ја насочи определбата во де-регулација, за сметка на регулација на секоја пора од општеството (Види Georgio Agamben – State of Exception).
Таков случај е дури и со националните т.е. етничките прашања. Па така, на пример, Уставот на СРМ од 1963 Македонија ја определува како државна социјалистичка демократска заедница на народот на Македонија, заснована на власта на работниот народ и самоуправувањето, (Светомир Шкариќ – Споредбено и македонско уставно право (стр. 273) додека, Уставот на СРМ од 1974 година ја дефинира пак како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе. (исто - стр.273)

Од овие тенденции се гледа сфаќањето на уставотворецот да се пристапи кон проблематиката на подвоеноста во општеството кон уставот како акт на општеството, т.е. еден вид на општествена повелба. Тоа значи дека истовремено тоа претставува повелба на југословенскиот социјализам како тип на преодно општество сфатено како тоталитет, односно како единство на економската структура и општествена надградба. Во таа смисла, основна преокупација на Уставот е граѓанинот како работен човек и самоуправува, односно неговата положба во самоуправно здружениот труд и управувањето со општеството во целина. Сепак, овие акти, особено последниот, претставува сложен акт на реалните услови на општеството кое грчевито тежнеело кон т.н. надградба. Оттука, и неговата комплексна структура од 406 члена (без да ги вброиме и амандманите од 80-тите години на 20-тиот век), која сама по себе е енормно сложена, со специфична терминологија. Но истовремено, тргнувајќи од содржината на Уставот, односно декларативниот карактер на неговата преамбула и тенденциите и заложбите на општеството за истиот, мошне впечатливо се јавува и тенденцијата на уставотворецот за настанувањето на т.н. „Ново општество“.

Таквите нарации, кои практично останале само тенденции, се чини дека како сенка го следат и периодот кој што следувал.
Се поставува прашањето, дали тенденциите за она т.н. „Ново“ остануваат само тенденции, наспроти нивните заложби кои преточени во правна рамка, само ги продлабочуваат противречностите кои настанале, наместо да ги решаваат?; и најнакрај, како да се избегне конфликтот меѓу политичкото и правното во т.н. „тенденција за Новото“, без при тоа да се навлезе во повторување на споменатите конфликти?

Тензичен премин


Оттука, како реторичко прашање, на веќе изнесените дилеми погоре, а за кое се надевам дека подолу ќе изнајдеме одговор, следи замката „Како знаеме, при процесот на политичка промена, дали желбата за конкретната промена е израз на личен индивидуален политички акт, или истиот е посакуван израз на колективното?“
Да подразјасниме.
Политичките субјекти, под нив мислиме на целото општество, во целина, не само на номенклатурата од врвот, врз основ на начелата на демократијата, принципите за слободно изразената волја на избори и други форми на слободно изразување на волјата (референдум, граѓанска иницијатива, плебисцит и сл.) желбите и потребите за колективното ги изразуваат во рамките на колективното. Своите индивидуални политички стремежи ги судруваат за да го креираат јавното, и да бидат дел од јавното, но не и обратното, да своите каприциозни приватни секвенци ги наметнат во доменот на јавното, како нивен личен израз за јавното. Оттука, доаѓаме до замката, дека е мошне тешко да се одржи политичкиот двигател во јавното, без интервенции на индивидуални, егоистични каприци од доменот на „приватното“.


Според тоа, кога говориме за она т.н. „ново“ треба да се запрашаме дали под тоа ново говориме за „индивидуални каприци“ наметнати врз сеопштата потреба за редефинирање на „јавното“, или чиста политичка потреба за живот, т.е. неговата двигателна улога која е менлива, произлезена од конкретните општествени потреби. 

Во таа далечна 1991 година, беа донесени низа уставотворни документи, кои беа, и до ден денешен се од голема важност за Република Македонија. Следејќи го нивниот редослед, беа донесени акти за конституирање на Македонија како самостојна и суверена држава, најпрво беше донесена Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија од 25 јануари 1991 година и Декларацијата од 17 септември 1991 година, со која се потврдува изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонска држава на референдумот одржан на 8 септември 1991 година. Во меѓувреме, следеше и постапката за донесување и спроведување на Уставот на Република Македонија. Така, најпрво, во мај 1991 година, Претседателот на Република Македонија, до Собранието го поднел Предлогот за донесување на Устав на Република Македонија. Предлогот е образложен во Собранието на 23 мај 1991 година, за потоа, Комисијата за уставни прашања да подготви текст на Нацрт – Уставот. Нацрт актот, изготвен од Комисијата, го утврди Собранието на 23 август 1991 година. Јавната дискусија за нацрт актот траела од 24 август до 15 септември 1991 година. На 17 ноември 1991 година беше донесен Уставот на Република Македонија. За Уставот гласаа 92 пратеници, а за Одлуката за негово прогласување гласаа 96 пратеници. Разликата во гласовите ја сочинувале тројца пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и еден од пратеничката група на ПДП. Тројцата се „воздржале“ при гласањето за Уставот, додека кога се гласало за Одлуката за прогласување, гласале „за“. Пратениците од ПДП воопшто не гласале за Уставот, а за Одлуката за неговото прогласување само еден од нив гласал „за“.  Уставот не доби поддршка од 22 пратеници од албанските партии ПДП и НДП.

Како што надоаѓал крајот на тој масивен државен апарат во распаѓање, станувало се поизвесно дека во тие негови последни мигови започнало никнување на еден т.н. нов, произлезен од конфликтите на оној во распаѓање. Од конфликтите на стариот апаратус, проникнале нови конфликти. Во суштина, зборот „нови“ е поприлично парадоксален сам по себе, оти се чини, од денешна гледна точка, дека конфликтите, а и системот кој ги произвел, само презеле нова форма, но во суштина, ништо не се сменило.
Ако се направи паралела со крајот на таа држава, и почетните моменти на создавањето на новата, Република Македонија, сосем е извесно дека ќе се забележат многу сличности и дилеми. Ни тогаш, а ни денес немаме јасна слика за тоа каков концепт на држава сакаме. Заложбата за ново општество, поразлично од социјалистичкото, југословенското, се чини дека е само формален запис на хартија, срочен во неколку конститутивни документи. Во „Драматичната 1991“ може да се забележи дека постојат две спротивни т.н. желби, за тоа што потоа. Првата е дека СФРЈ нема да се распадне, и дека иднината на тогашната СР Македонија е да остане во постојната Федерација, односно во некаква поинаква форма на сојуз од држави (произлезена од централното раководство на СКМ-ПДП). Другата, пак, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, односно предводена од нивниот лидер, г.Љупчо Георгиевски, промовирале еден вид декларација, која г.Андов ја објаснува на следниов начин: „Љупчо Георгиевски во своето тврдење при неговиот избор за Потпретседател на Претседателството во Јануари 1991 година, кога тој ги изложи своите програмски прегледи, велејќи дека Југославија наскоро ќе се распадне, а независна Македонија ќе влезе во конфедерација со Грција и Бугарија. Тоа беше вистинската програмска декларација на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време (стр.159 „Драматичната 1991).“ Така, иако било сосема возможно дека Република Македонија ќе постане суверена и самостојна држава, сепак, гледиштето околу нејзиното понатамошно политичко егзистирање, се менувало без некоја јасна перспектива и покрај формалното донесување на конститутивните документи.
Нештата оделе до таму до тој степен што, дури на моменти се става во прашање и сериозноста на сиот потфат наречен „независност“. Така, на пример, во предвечерието на расправата по нацрт Уставот, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски 5-6 дена пред да почне расправата за Нацртот на новиот Устав, на 5 октомври 1991 година, заминал за САД и Канада. Како што посведочува Андов во својата книга: „Во негово отсуство, се заострија ставовите на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во Уставната комисија, а немаше авторитет во таа Партија во земјата кој би се обиделе да ги смириме работите. (стр.297)“. Слично, и премиерот на техничката Влада, кога требало да присуствува во Комисијата за уставни прашања, како што посведочил авторот Андов, видно западнал во преку океански авантури: „Кога најмногу се заостри политичката борба во Уставната комисија и кога таа почна да се прелива во широките народни слоеви на населението, кога почнаа демонстрации кои беа се пожестоки во своите барања, особено оние на кои се собираа приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, од земјава отпатува во странство и премиерот Никола Кљусев. Тој најде изговор да ја напушти земјава кога страстите беа многу разгорени, објаснувајќи дека е поканет од нашата дијаспора во Австралија и дека таму ќе присуствува на некој музички фестивал на пеачките групи на Македонците од Австралија. Кљусев кажа дека во делегацијата ќе бидат и некои овдешни пејачи и пејачки. („Драматичната 1991“ стр.298) “

Собрание на РМ 1991 - акламации

Сличен е односот и кон други прашања, како на пример, етно-националните прашања околу преамбулата содржана во предлог т.е. нацрт Уставот. Создавањето на т.н. нов наративен елемент, по се изгледа дека не е само прашање на односот кон него, туку и негово толкување. Односот, т.е. толкувањето, ако погледнеме од погоре споменатите примери, не е произлезен сам од себе, туку е тенденција која е стекната од потребите на конфликтите на едно општество во залез. Секако, овде не треба во целост да се тврди дека токму тоа социјалистичко општество е она кое ги создало ваквите проблеми на т.н. „држави со нова политичка нарација“, туку дека го поттикнале токму она од кое и самите тие сакале да го избегнат, а пребегнале под закрила на „избегнување на реалните проблеми“.   
Во тој поглед, интересен е примерот, каде во време на расправата по Предлог т.е. Нацрт Уставот на РМ, во Собранието, односно Комисијата за уставни прашања, претставниците на ПДП  тврделе дека со тој документ им се стеснуваат националните права на Албанците во Македонија, за истиот тој текст претставниците на ВМРО-ДПМНЕ пак тврделе дека Албанците им се дадени преголеми права, и тие претставници инсистираа Македонија да биде означена како држава на македонскиот народ и тоа својство воопшто да не го дели со никого. („Драматичната 1991“ стр.298).
Кон тоа, проф. Светомир Шкариќ, во својата Споредбено и македонско Уставно право, ќе нотира дека: „Некои од албанските партии побараа Албанците во Македонија да се третираат како конститутивен народ, а не како национално малцинство. Згора на тоа, тие сметаа дека предлогот за донесување на новиот устав не дава цврста гаранција за мирен и рамноправен живот на Албанците во Македонија. Беше дури истакнато дека во моментот на распаѓањето на СФРЈ, Албанците во Југославија не смеат да дозволат да бидат поделени во три „национални суверени словенски држави“. (стр.200)“. Понатаму, тој ќе забележи и дека од пратениците – Албанци беше предложено да се воведе консензус во одлучувањето кога Собранието на Република Македонија одлучува за прашања од витален интерес за националностите што живеат во Република Македонија.
Секако, во предворјето на носењето на Уставот на Република Македонија на 17 ноември 1991 година, неодминливи биле и демонстрациите за покажување дека е извршено конкретно „предавство“. На 14, односно 15 ноември 1991 година, пред Собранието на Република Македонија, имало засилени демонстрации, во кои демонстрантите барале Собранието да не го донесе новиот Устав, бидејќи тој носел „предавство“ на македонската нација. Демонстрантите носеа многу пароли напишани против Албанците, а конкретни функционери биле нарекувани „шиптари“ и „предавници“. Дел од демонстрантите, дури и излегле со платформа во која барале да се донесе национален устав. Пред очите на пошироката јавност и полицијата, насилно било симнато државното знаме на Република Македонија, а на негово место било поставено партиското знаме на ВМРО-ДПМНЕ.

Протести пред Собранието на РМ 1991 година


Се чини дека, ваквите дилеми, денес веќе не се тенденции, туку веќе вродена вербална реторика во општеството кое имало тенденција за себе 1991 година, но без некоја јасна насока за себе, па парадоксално, насоката веќе ја трасирало кон она што го имаме денес, и во суштина тоа е насоката која е поставена тие први денови во 1991 година.

Сличниот контекст следи и веднаш по донесувањето на Уставот, односно во периодот на Свечената седница на Собранието на 20 ноември 1991 година. Во „Драматичната 1991“ Андов ќе нотира: „Одржувањето на свечената седница на Собранието по повод прогласувањето и усвојувањето на новиот Устав го закажав на 20 ноември. На 19 ноември, во мојата канцеларија дојде пратеникот Митко Атанасовски. Разбрал дека за свечената седница сум ги поканил и Лазар Колишевски и Страхил Гигов, а тоа било неприфатливо за него. Тие двајцата, рече тој, ги окрвавиле своите раце со крвта на синовите на македонскиот народ. Ако тие дојдат, рече тој, тогаш тие од ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваме на свечената седница. (стр. 303)
Во овој контекст, не би требало да не чуди производот наречен „Лустрација“ во модерното македонско општество.
Слично, паралелите меѓу очајната транзиција, и модерниот криминал во последните 10 години, еволуцијата на прислушувањето, т.е. тенденцијата на контрола на Власта преку органите на Управата за Државна Безбедност и Контра-разузнување, не треба воопшто да се гледаат како случајна тенденција, туку како реални насоки и определби на едно општество.

Според тоа, во духот на „новиот“ дел од Војна на Ѕвездите, треба да се запрашаме, дали пустото (отсутното) лежи во објективната стварност која е статична и стерилна, или во статичната субјективност на објектите vis-a-vis гледачот т.е. субјектот присутен во дадената стварност? Повторно, одговорот лежи во „посакувањето“ за дадената стварност.

Токму тој одговор ни ја дава последната сцена од филмот, каде хероината Реј, го наоѓа Лук Скајвокер, последниот Џедај, на тотално ненаселена планета, сам на пуст остров. Оваа сцена е дури порадикална од онаа на Реј на Џаку, каде што постојат знаци на живот, но како да се дел од таа пустина околу нив, која секојдневно ја живеат, но ја забележуваат како нешто неопходно.
Сцената меѓу Реј и Лук, во суштина ни појаснува дека Реј не го бара последниот Џедај per se, туку го бара реалното позади митот, нешто за кое што таа верувала дека е мит. Она што е реално е пустелијата. Но не онаа пустелија што ја гледаме пред себе, туку онаа која произлегува од нас. Тоа е вистинската природа на реалното, дека егзистенцијата, во реалноста, е егзил од нашиот вистински дом: ништожноста.

Нешто слично како во Шекспировата политичка комедија „Бура“ (Tempest), каде волшебникот Протеро е прогонет, од политички причини, на пуст остров со неговата ќерка, прекрасната Миранда, па еден ден, кога ќе здогледа брод на непрегледниот морски хоризонт, ќе предизвика Бура за да го изгони. Но Бурата настанува потоа, а не кога Протеро ќе ја формира.

Така и во Episode 7, будењето не настанува во текот на филмот, со откривањето на Реј, туку во ликот на Лук Скајвокер. Сопствената ништожност е реалната пустина.

Лук и Реј


Од тие причини Шекспировиот Кориолан и врти грб пред толпата, после неговиот брутален говор, а од исти причини и Ричард III, саркастично се обраќа на толпата, на почетокот од истоимената трагедија (…Now is the winter of our discontent). Тие, обајцата, ја согледале баналноста во повторувањето („…A world elsewhere – Coriolanus), како и можностите кои произлегуваат од неа.


Она што се случило во периодот пред распаѓањето на СФРЈ, и создавањето на Република Македонија, како независен, суверен и самостоен политичко-правен ентитет, односно, нејзиното политичко-правно градење до ден денешен, во суштина ја само ја следи онаа т.н. тенденција на уставотворецот на СФРЈ 1974 година каде треба да се создаде „општество, сфатено како тоталитет, односно како единство на економската структура и општествена надградба“, со таа разлика што се сменети вербалните наративи, па наместо општествена надградба, добивме „етно-национална надградба“, наместо „самоуправување“ – демократија, наместо „работен народ“ – етнички заедници, и слични нарации, кои не го решиле проблемот со „политичката потреба за живот и нејзиниот еманципаторски карактер“, туку само ги продлабочиле неговите веќе настанати конфликти.
Се чини дека, она што останало од таа иновативна, но неуспешна тенденција од 1974 година е само зборот „тоталитет“, кој денес, е во најсурова форма.

Според тоа, она што т.н. репетитивност донела во Episode 7, односно во Шекспировите Кориолан и Ричард III, по актите за одрекување од светот во распаѓање, е свет во кој се е веројатно, но навидум, ништо не е возможно – една пустина на политичките ентитети, без јасна перспектива.

IV. – ВАКУУМ НА ПОЛИТИЗИРАЊЕ
Во епилогот на книгата од Чак Вендинг „Star Wars – Aftermath“, една личност во сенка, наводно незнаен брутален адмирал на Империјалната флота (подоцна под име Галиус Ракс), за која ќе се открие дека „ги влече конците на настаните“ од позадина, ќе констатира:„Вака мора да биде. Империјата постана оваа... грда, неелегантна машина. Сурова и неефикасна. Ние требаше да бидеме скршени на парчиња. Ние требаше да се ослободиме од оние сакаа да ја видат таа стара машина како разџагорено повторно и повторно неспособно и неизбежно чекори напред. Време е за нешто подобро. Нешто ново. Империја вредна на Галаксијата што ќе ја владее. ...“

Токму овој говор на Ракс , не води кон следното прашање. Ако Империјата ја покажала својата неефикасност, и довела до распад преку Бунтовничката Алијанса, која ја создала Новата Република, зошто тогаш Новата Република, постанала исто така неефикасна? Да преточиме во реални термини: „Ако СФРЈ, поради својата неефикасност, се распаднала во неповрат, зошто Република Македонија, како нејзин сукцесор, е подеднакво неефикасна?

Како што Ракс ни го посочува проблемот и решението во оваа т.н. криза, така и не доведува до една заблуда.

Пред да ја погледнеме заблудата, да се осврнеме кон една типична шега на Жижек, која се надевам ќе ни ги појасни нештата и ќе не одведе кон посакуваната насока.
На едно отворено панел предавање, во јули 2016 година, словенечкиот психоаналитичар и филозоф, Славој Жижек, на прашање од публиката во врска со, онтолошката сигурност која што се поврзува со категоријата на „убиства од чест (чесно убивање)“, имајќи во предвид дека доаѓа од општество како египетското, каде истото генерално е мизогинично на повеќе нивоа, но дека не слушнала како некој извршил „чесно убивање“ од мизогенични побуди во Египет, пред да се пресели на Запад. Таа додава и дека очигледно оти постои таков тип на убиство, кое очигледно е културолошка карактеристика, со оглед да не може да каже дека убиството во суштина и не е културолошки поврзано за општеството, па оттука не гледа зошто треба да ги раздвоиме таквиот тип на насилство е онтолошки различен од насилството врз жената, воопшто.


ККК - мирен собир


Дел од договорот, негови впечатливи поенти, следат подолу:
За мене, културата е дефинирана, не само преку нејзините експлицитни правила, туку и преку сопствените безобразни практики на прекршување на овие правила. Како во мојот често споменуван пример, ККК во раните 1920-ти била Христијанска, од со вредности од бели мажи, и така натаму, но била и „Неделно вечерна црнечка, линч и ајде да силуваме“ практика. И според ова, сметам дека треба да бидеме критички настроени кој секоја култура, не само туѓата или нашата. ... Отсекогаш сум бил сомничав кон привилегирањето на една форма на, како ја нарекуваме, криминалитет на насилство врз жената, кој го помрачува она генералното, општо, насилство ... (за понатаму да продолжи со експлицитен пример) ...  Постепено се пројавува, како да ја наречам, една генерална теорија на заговор. Можеби сте ја слушнале. Следи на следниов начин. Комунизмот пропаднал во 1920-тите, не постоела Европска Револуција, и тогаш Комунистите го нашле Сталин, и било кој од нив, од Коминтерната, и тие одлучиле да направат нешто. Нивниот резултат бил: Комунизмот пропаднал затоа што комунистите ја потцениле моќта на католичкиот идентитет, држава, стабилниот и етички фамилијарен живот, па затоа одлучиле дека мора прво да го уништиме Христијанството и семејството одвнатре, за ние да добијат втора шанса. Па; навистина е смешно, но ги љубам овие теории на заговор; теориите понатаму велат, дека, комунистите директно го организирале и составиле Статутот на Франкфуртското училиште „Адорно Хоркхајмер“ за да ја изврши оваа работа на самоуништување на Западот и крајното чудовиште овде е Родовата теорија. Родовата теорија е крајната алатка, а на истиот начин за уништување на моралноста на западот, тој исламски фундаментализам не е некаков агент сам за себе, туку тајно е организиран од Европската комунистичка мафија, за да ја уништи Европа. Дека тој, не е религиски феномен, туку дека цело време е обид за да се уништи Европа, и така натаму.


Мирна тепачка - плоштад „Македонија“ 2009

Поентата која може да се извлече од погорните два примери е дека политиката во нашето време е конституирана како тоталитарна политика до степен на „досега невидено“. Радикалната трансформација на политиката во доменот на голиот живот, ја легитимирала и нужно овозможила тоталната доминација.
Во ситуација кога во демократија, кога приматот на приватното над јавното и на индивидуалните слободи над колективните обврски тогаш тоа постанува, како и во тоталитарните држави, одлучувачки политички критериум и примерно подрачје на суверени одлуки. Во таа смисла, може да се сфати и, навидум несфатлива брзина со која парламентарните демократии од 20-тиот век да постанат тоталитарни (последните мигови на СФРЈ – нејзиниот тотален изглед), и со која несфатливост, нивното повторно претворање во парламентарни демократии да биде непрекинато (вклучувајќи го и нашето од 1991-ва).
Штом нивните фундаментални референци (основи на создавање – во наша смисла Конститутивни документи), станат дел од голиот живот, традиционалните политички дистинкции (како што се оние помеѓу Десницата и Левицата, либертанизмот и тоталитаризмот, јавното и приватното) ја изгубат нивната чистина и разбирливост и влегуваат во зона на неопределливост и неопределеност. Така, екс-комунистичките владеачки класи кои неочекувано паднаа во најекстремен расизам и национализам (на пример, Српската програма на „етничко чистење“, Хрватскиот национализам во времето на Фрањо Туѓман, македонскиот засилен национализам од 2009 година до денес, под раководство на ВМРО-ДПМНЕ), како и новите форми на фашизам во Европа, ги имаат најдено своите корени токму овде.


Мирни верници - после тепање на неверниците

Слично и денес, каде заложбите од 1991-ва, иако од самиот почеток нејасни, со тек на време го изгубиле својот контекст, па веќе пермисите на јавно и приватно, држава и партија, живот и држава, право и живот, ја изгубиле својата јасна дистинкција. 

Непосредниот пример на Жижек, во суштина е само последица на овие тенденции кои настанале 1991 година, во нашата држава, но се чини и со падот на Берлинскиот ѕид. Во оној, да го наречеме вакуум простор на политизирање, каде се било возможно и ништо не е невозможно.
Оттука, во смисла на новиот Star Wars Episode 7, односно романот Aftermath, замката таму не лежи во понуденото решение дека „старото треба да се замени со ново“, туку во прашањата „Што е тоа ново? Како тоа треба да функционира? Кој е неговиот корен и тенденција?“ Ако одговорот на прашањата е само проста трансформација, поради желба за трансформација, тогаш, нештата и не се така сменети. Проблемите на старата машина се само подмачкани и стегнати, но нештата само го смениле карактерот, но не и суштината.
Така, во сцената од Episode 7, каде Генералот Хакс држи, про-нацистички говор, на нацистичко нирнбершка филмска сцена, каде отворено говори за „Лагите на Републиката“, во суштина говори од позиција на денешна, модерна Трамповска реторика, односно десничарска традиционалистичка реторика каде, државата е една елитистичка машинерија под закрила на демократијата, па еве ние ќе ја уништиме таа елитистичка машинерија, и под закрила на истите правила, ќе доведеме нов ред.
И токму тука лежи нашата замка. Проблемот не е исклучиво „елитистичката машинерија“, проблемот е во нејзината замена и репетитивноста на она т.н. „ново“. Првиот Одред, во суштина нема да донесе ништо ново, туку само ќе го замени нефунционалното. Галуиус Ракс, не ја преобликува Империјата во нешто ново, туку само ги користи инструментите на целиот тој хаос, за да отвори пат на нова форма, за истата функција.

Star wars Ep.7 (горе) - Нирнберг 1934 (долу)


Да додадеме во духот на луцидниот Вилијам Шекспир, преку неговите Ричард III и Кориолан, она „there is a world elsewhere“, односно „now is the winter of our discontent“ е само еден пркос, и едно исмевање, кон согледаната, погоре спомената парадоксална репетитивност.
Кориолан, иако ја догледал, тој не ја сфатил во целост, па повлекувајќи се од светот кој сам себе се уништувал, само заземал страна за да го доуништи, за на крај биде уништен од она против кое тргнал.
Шекспир, во Ричард III оди чекор понатаму, каде преку „Now is the winter of our discontent
Made glorious summer by this sun of York“ се потсмева со целата таа историска несреќа. Ричард ја користи за да го јавне тркалото на историјата и вешто да го контролира, но јалово истото тоа тркало се врти против него, за повторно, да започне од самиот почеток. Во тој дух, Ричард, како да пркоси со целата ситуација, па бара замена на неговото кралство за коњ.
И обата ликови, практично, во тој вакуум кој им е даден, политизираат со целата ситуација, и на жалост, јалово ја користат.

***
Движечката сила во новиот Star Wars Episode 7: The Force Awakens е, да се разголи и прикаже силата на непрегледната општествено-политичка тоталитарна пустина во која денес живееме.

Истовремено, не можеме, но и можеме да бидеме сигурни во т.н. неопходна форма на настаните кои ги гледаме како се случуваат. Следствено на тоа, и дека од тоа можел да се сочини перфектен погодок за нешто од што ќе произлезе да биде вратничка за потомството и времето, и нивната иднина, како сигурност на направениот личен избор.

Она што не учат овие испреплетени приказни, оние на Шекспир, оние на Лукас, а и општествено-политичките македонски модерни приказни, е дека изборот, а не исклучиво „личниот избор“, е политички акт. Тој е дотолку политички акт, кој не само што ја замаглува целата сцена во политичкиот моментум, туку го замаглува и видикот на политиката како движечка сила за развој на човековиот живот, и последиците по него, како дел од истата.
Со други зборови, вистинската маглина не е онаа при согледување на фундаменталните и конститутивни својства на околностите, нивните причини и можни последици, туку издигнувањето над истите, преку ставање на равенство помеѓу она што претставува „приватно“ и „јавно“.

Тогаш настануваат вистинските мешаници.

Дискурсот на изборот на Кај Марциј Кориолан, Ричард III, Хероите во Епизода 7, како и конститутивните поглавари од 1991 година, не само што оставаат простор за повторување на истите дискурси, и отежнување на изборот при неговото дијалектичко повторување, туку се повеќе и повеќе го шират пустиот вакуум простор, во кој политиката и правото, се одземени како алатки и двигатели за голиот живот, и се претворени во алатки на пустината на ништожноста, каде што животот, политиката и правото, немаат никаква вредност, а се една гола форма на одржување (на шкрги) на самата тоталитарна ништожност.

Таквата потреба за промена произлегува од голата потреба за артикулирање на потребите од секојдневниот живот, а не од ситно политиканство од денес за утре, прокнижено со идеолошки нарации зачинети со сјајна иднина за ентитетите, живот таму некаде, во некој неопределен простор и време, евтино и достапно право за сите при лабилна и недостижна правда, политика за сите, а леб за оној кој заслужил, и слични други национално-романтични општествени, приватно-јавни мешанци и тоталитети.

Токму тоа е отсутната потреба на Star Wars: Episode 7 – The Force Awakens за Star Wars: Episode 8 – The Last Jedi, односно Episode 9 – во разбивањето на илузиите за кои до сега говоревме.  


The desert of the real ... 




„..Во 1930-тите, Германците му се потсмевале на Хитлер, но потоа, престанале да му се потсмеваат. ...“
Славој Жижек

All that is real in human history becomes irrational in the process of time.

Friedrich Engels

ЗА ДИСКУРСОТ НА ПОЛИТИЧКОТО ПОВТОРУВАЊЕ - дел I

Now is the winter of our discontent
Made glorious summer by this sun of York;
And all the clouds that lured upon our house
In the deep bosom of the ocean buried.

                           „Richard III by William Shakespeare; Act 1, Scene 1, Verse 1-4

Necessity is blind until it becomes conscious. Freedom is the consciousness of necessity.
                                                                           Karl Marx


Во последниот филм од серијалот Војна на Ѕвездите (Star Wars), Епизода 7: Силата се буди (Episode 7: The Force Awakens), преовладува едно неугодно и непристојно чувство на задоволство од прикажаното. Кога ќе заврши сета таа филмска, фантастична епска драма, чувството се сведува на незаситеност. Како да задоволството од самиот поим на она што претставува Star Wars франшизата е истовремено доволно недоволен, па отаде и неможноста да се почувствува „зима во незадоволствата“.
Ние знаеме и сме среќни на општата појава и тенденција за продолжување на истоимената франшиза, но сме незадоволни од контекстот. Задоволни од реномето на претходниот контекст, бараме повторување во истиот контекст, па кога чувството ќе биде задоволено со повторната механика, веднаш запаѓаме во меланхолија по прикажаното.
Со други зборови, како свесно да се нурнуваме во емотивната баналност на повторувачките наративни секвенци, настани и симболиката позади нив. Истовремено, знаејќи го тоа, често спориме околу таа баналност, без притоа да погледнеме во истата, па механички, како вистински фанови, само коментираме што е добро, а што не, и зошто е тоа така.

За да не ни се чинат овие нафрлани чувства контрадикторно опишани погоре, сметам дека потребно да се позанимаваме со баналноста и заблудата во емоциите од прикажаното, и дали таа е оправдана.

Неколку пати до сега сме потврдиле и сме се дискутирале за политичкото позади уметноста. Да тргнеме повторно во таа насока.

Now is the winter of our discontent - Richard III


I. - ПРОЦЕС
За да објасни конкретна карактеристика на ликот на Ричард III, во истоимената трагедија на Вилијам Шекспир, Роситер, во својата „Ангели со рогови и други Шекспирови дела“ (Ангели со рогови: Единството на Ричард III), како модел ќе земе неколку стихови од една друга трагедија на Шекспир, Хенри IV. Роситер мошне внимателно ги одбрал стиховите од 80-86, во кои Варвик, од истоимената трагедија, „си го споменува“ Ричард III. Имено, во вториот дел од Хенри IV (3.1) Кралот и Варвик зборуваат преку целата ноќ, поради инсомнијата на Кралот. Во тие моменти на беседење на Кралот, тој се присеќава на Ричард III кој зборувал како пророк за идното предавство на Перси. На тоа, Варвик, одговара дека „оние кои бараат ротации во историјата, навистина произлегуваат да бидат пророци.
Понатаму тој објаснува дека, Ричард, ја набљудувал „неопходната форма“ на настаните кои ги гледал како се случуваат; и дека од тоа можел да сочини „перфектен погодок“ за нешто од што ќе произлезе да биде „вратничка за потомството и времето“.

Тенденцијата кон согледување на одредена предвидливост во историјата, некако, отсекогаш била присутна. Именувањето на истото како израз на „божјата рака“, „судбина“, или некаква општа предодреденост на настаните и случките едноставно да заземат одредена линеарна форма, од својот почеток до својот т.н. крај, до денес е претворено во фолклор. Таквата фолклорна и мистична динамика, влијаела, и влијае врз низа настани кои произлегуваат и не чинат нас.
Исто така, често сме ги читале, но и пишувале, историските записи за да покажеме дека текот на настаните е раководен од некаков едноставен процес на „божја правда“, наградување или казнување на чинења овде на Земјата, и погрижувајќи се да Лукавиот не се потхранува и не расне како плевел насекаде.

Со други зборови, текот на настаните го гледаме како една ретрибутивна правда произлезена од самиот свој тек. Во суштина, дури и онаа позната изрека на Џорџ Сантјајана (Хорхе Вгустин Николас Руиз де Сантјајана) за „учење од минатото“ е токму во тој контекст – ретрибутивен.

Прогресот, кој далеку од тоа да е содржан во промена, тежнее од задржувањето. Кога промената е апсолутна, а не преостанува основа за подобрување и не е ни поставена можна насока за подобрување, како кај дивјаците, детството (инфантилното) е вечно. Оние кои не можат да го научат минатото, се осудени да го повторат.

До сега, во последните неколку расправи, мошне концизно направивме паралела меѓу одредени трагедии на Вилијам Шекспир, со општествената драма која ни се случува во нашата држава, а која од ден на ден се повеќе кулминира, и на која никако да се види минимална можност за дефинитивен крај.

Ако ги земеме досегашните две обработени, Јулиј Цезар и Кориолан, тие по многу нешта се преклопуваат. Шекспир, иако ги пишувал во различен период од својот живот, нехронолошки, не може а да не се одбегне взаемната историска поврзаност. Можеби таа поврзаност и не е онаа реал-историска (иако не смееме да го избегнеме тој факт, поради тоа што ликовите Јулиј Цезар и Кај Марциј Кориолан навистина постоеле и влијаеле во времето во кое живееле), но сепак во контекст на историските збиднувања во кои и самиот Вилијам Шекспир живеел, и тоа како ја добиле својата посакувана форма за да го објаснат контекстот на конфликтите во неговото време.
За разлика од вистинската историја околу ликот на Јулиј Цезар, драматизацијата повеќе тежнее да се осврне кон традиционалната трагедија во конзервативната мисла дека „човечката природа не се менува; најнакрај, не може ништо да се стори околу тоа“. Конфликтот на ликовите внатре во драмата, дека, - никој од нив не е чист – на сите им е корумпиран личниот интерес кој е во конфликт, од една страна, самиот со себе, а потоа и со другите околу себе. Мистификацијата и демистификацијата на политичкото водство е само илустрација на она на што Шекспир навистина имал на ум. Посведочување на турбулентниот период на Војната на Розите, Тјудори и Елизабетанскиот период, и неговите највулгарни физички и политички ликвидации, во име на Правдата и Бога. Се чини дека на Шекспир му било сосема јасно дека токму овие „гадости“ како да произлегуваат едни од други, па му било совршено природно да се повикува и да ги поистоветува своите сведочења со историските настани оние на Кај Марциј и Јулиј Цезар.
Шекспир ги посведочува судбините на хероите од неговото време со судбините на хероите од она Античкото.
Во претходната расправа ја појаснивме логиката позади Античкиот херој, и оној ренесансниот – христијански херој. Разликата е во тоа што овој вториот своето делување го гледа од морална гледна точка, т.е. ги преиспитува своите акции пред да постапи, иако истовремено на нив се повикува како да се од божја природа. Оној првиот е човек од акција, прави се што ќе му речат Боговите, па така тој е лишен од согледување на конфликтот при одлуката. Ако за првиот, одговорот при одлуката е „Да јас ова ќе го направам“ без да ги согледам последиците од истото, оти нели, јас сум воден од Божјата рака, кај вториот, одговорот секогаш е спакуван реторички. Херојот, во таа ситуација најпрво морално ја преиспитува својата одлука, дали истата е праведна и во колкав обем. Интересно, тој е решен на изборот, но не го чини, бидејќи „божјото во него“ му кажува поинаку – „размисли ја одлуката“.
Гнасноста на Цезаровите конспиратори, но и на самиот Цезар, не е во нивната детерминираност да го направат она што треба да го направат, туку во морализирањето на истото. Тие тоа го размислуваат, но тие сепак, на крај тоа го чинат. Се чини дека ако правдата во Антиката е директна и брза, овде е морално спакувана да е ретрибутивна.

Меѓутоа, Кориолан не учи дека не е доволна само ретрибутивната правда, иако, не само што се чини, туку и се практикува како најбрза.
Изјавата „There is a world elsewhere“ е само показател дека сепак ретрибутивноста и не треба да е императив за разврска – можеби е потребно да не се дејствува, за конкретни процеси издејствуваат без нашето директно инволвирање.
Но, токму таквата наша одлука, во суштина и влијае врз самиот процес во кој сме вовлечени.

Од оваа точка стапува во сила суштественото во Ричард III.

Според речникот на македонскиот литературен јазик, дијалектиката се објаснува како наука за општите закони за движењето и развитокот на природата, на општеството и човековото мислење, која ги разгледува природните појави во вечно движење и менување.

Овие три трагедии, Кориолан, Јулиј Цезар и Ричард III треба да ги погледнеме токму низ овој контекст.

Од историска гледна точка, конфликтите на римското општество во времето на Кај Марциј (Првата плебејска сецесија / Secessio Plebis 495 – 493 п.н.е. – прв судир меѓу патрициите и плебејците, произлезен од незадоволството од долговите насобрани на плеќите на плебсот.), во суштина кулминирало со поставувањето на Јулиј Цезар за диктатор на Римската Република (Res Publica – Јавна Работа). Истата таа убиствена разврска во 44 година п.н.е. само го одложила падот на она што подоцна станало Римска Империја (Imperium Romanum), најпрво во 476 година од н.е. (Западното римско царство), па потоа, некако репетитивно, во 1453 година (Источното римско царство – Ромеи; попознато како Византија).
Оттука, она што е симболично во Ричард III, произлегува токму од стиховите:

Slave, I have set my life upon a cast,
And I will stand the hazard of the die.
I think there be six Richmonds in the field;
Five have I slain today instead of him.
A horse! A horse! My kingdom for a horse! …

A horse! A horse! My kingdom for a horse! - Richard III


Овде, повеќе од очигледно, таа, т.н. „вратничка за потомството и времето“, произлезена од тој „перфектен погодок“, се распаѓа во самата своја суштина.
И тука би се навратиле на Сантјајана за кратко. Кога тој вели „ Оние кои не можат да го научат минатото, се осудени да го повторат.“, осудувањето не е продукт на некаква мистика, на некаков надворешен фактор кој влијае над настаните (божјото провидение, божјата мудрост, митот за невидливата рака и сл.), туку е продукт на сопственото индивидуално делување vis-a-vis колективното, и обратно – колективното како израз на збир од индивидуални волји. Таа т.н. „судбина“, во суштина е процесот кој е збир на постапките од кои самите себе сме се лишиле да ги согледаме во текот на истиот.

Во тој процес, сме тотално сами.

II. – СИЛА
Во книгата на Чак Вендинг „Војна на Ѕвездите – Последици“, која го драматизира периодот измеѓу Епизода 6 и Епизода 7 од истоимениот модерен фантастичен еп, на самиот почеток, авторот ни дава една слика на почетокот на согледување на ретрибутивноста при задоволената правда. Секако, во стил кој не е воопшто близок на Шекспир, таа го опишува го пост-конфликтниот период во Галактичката Империја, помеѓу истата и Алијансата на Бунтовниците, па во еден разговор помеѓу татко и син, се фрла светло на неподносливата судбина на повторувањето. Еве слика од сцената:

...Момчето е младо, само 12 стандардни години, не доволно возрасно за да се бори. Барем не сеуште. Го гледа татка си со молба. Преку вревата тој се развикува: „Но борбената станица е уништена, Тато! Битката е завршена!“ Само што го гледаа тоа пред еден час. Наводниот крај на Империјата. Почетокот на нешто подобро.
Бунилото во светлите очи на момчето е јасно: Тој не разбира што се случува.
Но Рорак знае.
Тој слушнал приказни за Војната на Клоновите – приказни раскажани од неговиот татко. Тој знае како одат нештата со војната. Не се работи за многу војни, туку само за една, произлезена повторно и повторно, исечена на парчиња, за да изгледа по управлива.“
Chuck Wending – Star Wars: Aftermath

The war is not over - Star Wars Aftermath


Со продажбата на ЛукасАртс, компанијата во сопственост на Џорџ Лукас, творецот на модерниот еп „Војна на Ѕвездите“, на Дизни во 2012 година, се создаде еден нов простор за една нова тенденција за овој познат епски серијал.
Неколку месеци по купувањето на компанијата, новото раководство на ЛукасАртс (сега под Дизни) на чело со Кејтлин Кенеди, сите претходни книги, видео игри, и други пишани и визуелни дела, кои произлегле од други, независни луѓе, а биле одобрени од ЛукасАртс под Џорџ Лукас, ги прогласуваат како приказни легенди. Она што останува како официјален наратив е оној создаден од Лукас (Епизодите од 1 до 6). Дизни, помеѓу другото и од лукративни причини, го менува наративот кој произлегол од оригиналните дела низ годините. Наместо дотогашниот „отворен универзум“ за толкување и надодавање на индивидуално гледање на приказните помеѓу секоја од Епизодите, пред Епизодите, а особено и по нив, сега отворено се пристапи кон доживувањата, тенденциите, сфаќањата и животот на оние кои се родиле и израснале во периодот по прикажувањето на Епизода 6 „Враќањето на Џедајот“ (1983), односно по Епизода 3 „Одмаздата на Ситовите“ (2003).

Оригиналната триологија, беше и отсекогаш ќе биде повеќе од еден фантастичен еп. Тој, според Лукас, беше и еден израз на сиот оној насобран гнев кој бил предвесник на Студената Војна.
Сега приказната е друга. Фокусот е насочен кон генерациите кои израснаа после падот на Берлинскиот Ѕид. Нивната приказна треба да биде раскажана.

Но прашањето гласи, дали станува збор за нова приказна? И ако е нова, што точно има ново во неа?

Во декември 2015 година премиерно беше прикажана Епизодата 7: „Враќањето на силата“. За некои тој филм беше омаж на оригиналната триологија, особено првиот филм од 1977 година. За други, бледа копија. Но за некои беше и успешен спој на приказната од првата триологија, со контекстот на потребите да се раскаже овој еп од призма на нас, пост-берлинците.

Ако едно нешто научивме од Шекспир погоре, тоа е дека Херојот секогаш е ставен пред морален и животен тест. Меѓутоа, природата на тестот, е да го втурне Херојот во конфликт на сам со себе, на неговата позиција во сета таа животно-политичка драма околу себе, па се доведе до точка на самоуништување, како највисок дострел на ретрибутивната правда кон која тежнее дејствието во самата драма. Херојот мора да се самоуништи, оти тоа е единствено решение за настанатиот конфликт, и противречностите во него, кои другите ликови се инертни да ги видат – тоа го може само Херојот.

Токму таа линија ја користи и Епизода 7.

Да ни биде јасно, овде не треба да се обидуваме да ги сведеме на еквивалент делата на Шекспир со делата на Лукас (и овие што следат пост-Лукас), но суштината околу раскажувањето на приказна, во која одреден лик т.н. Херој е соочен со трауматски дилеми, е повеќе од очигледна. Впрочем, тоа би било како да се стават на еквивалент делата на Хомер и Вергилиј со делата на Шекспир (како што претходно пишавме во „Вулгарната и брутална иронија во изборот“).

Во Епизода 7, младата Реј, преку низа непосакувани избори, се соочува со тест кој ја става на распаќето меѓу статичниот живот во исчекување среде пустелија што нема никаква тенденција за прогрес, и процесот на реоткривање. Фин (FN-2187) ја убива својата улога на одгледан и контролиран аутоматон (грч. αὐτόματα), за да избега во хаотичната пустелија, а подалеку од организираниот Прв Ред (First Order). Кајло Рен (Бен Соло), е растргнат помеѓу потрагата по идентитет и одлуката да го убие и последното „себе“, како би дал простор за идентитет таму некаде. Хан Соло, пак, е ставен пред тест, дали неопходноста од неговата смрт е неопходност за живот кај неговиот син, или пак симболичката смрт на веќе идентитетската подвоеност кај неговиот син би била неопходна, како израз на ретрибутивна правда и искупување од взаемните (не)дела.

Хан Соло и Кајло Рен


Токму овие два последни лика практично се лајт мотив и кулминација на оваа фантастична драма – нивното отворено политизирање на животот и смртта, како во симболичка, така и во буквална смисла на зборот. Така, онаму каде што Хан одлучува, Бен, чини, па последователно каде што Хан се саможртвува, таму Бен се самоуништува и веќе не е сигурно дали тој е Бен Соло или Кајло Рен. Впрочем, маската Кајло Рен постои заради конфликтот на Бен. Сега, со овој политички чин, ги нема и обете.

Меѓутоа, на самиот почеток на оваа вселенска драма, всушност, првите два збора од воведниот текст, до самиот нејзин крај, последната сцена, го откриваат и сублимираат целото нејзино движење. Тоа движење е олицетворено во ликот на Лук Скајвокер. Тој е истовремено неприсутен, а сеприсутен. Тој е во суштина олицетворение на Силата која ги движи изборите позади погоре споменатите ликови, и чии дела доведуваат до неговото конечно откривање на крајот од драмата.

Па така, ако херојот, како носечка сила, кај Шекспир ја политизира својата морална одлука како товар на целото дејствие, овде, таквата сила е растурена повеќеслојно, како архетип, врз неколку ликови. Кај Шекспир товарот е во носителот на дејствието – Херојот, а во нашава вселенска драма товарот е во самото дејствие – во самиот процес. Силата на Херојот лежи во неговата трансформација. Трансформацијата подразбира нужна смрт, симболичка или буквална. Во Јулиј Цезар, носителот е Брутус, па неговата трансформација започнува од убиството на Цезар, како свое симболичко убивање, до неговата физичка смрт. Слично и во Кориолан. Кај Мариј не е трансформиран во Кориол, при битката со Волсканите, туку кога им се обраќа на Трибуните и популусот во Сенатот. Додека кај Ричард III, трансформацијата е од самиот почеток – „Now is the winter of our discontent“, во вид на пркос.

Слична тенденција постои и во најновиот Rogue One – A Star Wars story, каде истите, погоре споменати, дилеми се вметнати, овој пат, во дообјаснување на нарацијата, наместо на нов наративен елемент. Во Rogue One веќе однапред го знаеме исходот, но го забораваме одговорот на прашањето „Зошто се навраќаме кон дообјаснување на минатиот наратив?“, додека во Епизода 7 ситуацијата е обратна, не го знаеме исходот, но сме свесни за репетитивноста на минатиот наратив.


Суштественото во Херојот, дискутиран погоре, лежи во тоа дека не постои херој, туку тоа е литерарен политички одраз на нашата неопходност (нужност) во однос на политичкото во нас, од нас и за нас. Тоа е вистинската Сила која по својата суштина е амбивалентна. Таа е прогрес сама по себе, но е лишена од содржината на промена. Со други зборови, таквата сила е статична.

Кулминација на статичноста на Силата