Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, December 9, 2016

Вулгарната и брутална иронија во изборот

„...You common cry of curs, whose breath                      
I hate                                                                                     
As reek o`th` rotten fens, whose loves I prize                  
As the dead carcasses of unburied men                           
That do corrupt my air, I banish you.                                
And here remain with your uncertainty!                           
Let every feeble rumor shine your hearts!                        
Your enemies, with nodding of their plumes                   
Fan you into despair! Have the power still                       
To banish your defenders, till at length                           
Your ignorance (which finds not till it feels,                    
Making but reservation of yourselves,                              
Still your own foes) deliver you as most                           
Abated captives to some nation                                        
That won you without blows! Despising                          
For you the city, thus I turn my back.                              
There is a world elsewhere. …

  „...Вие ордо кучешка! Чиј здив го мразам
  ко баздеж од смрдливо мочуриште, чија љубов
  ја презирам ко цркнат труп од незакопан човек 
што воздухот ми го грди, Јас вас ве прогонувам!
Останете овде со несигурноста ваша!
Нека и на најмал шум срцата ви се стресат!
На појавата само на непријателите ваши,
 очај нека ве зафати! Ја користите моќта
бранителите да си ги протерате, најпосле дури 
 вашата глупост – која не сфаќа дури не осети,
 и која само уште вас ве задржува овде
што душмани сте сами на себе – не ве предаде
ко робови долни на некој друг народ
што ќе ве победи без борба! Презирајќи
го поради вас, овој град, ви го вртам грбот.
Светот не е само овде! ...“

  Coriolanus /Act 3 scene 3 f.119 – William Shakespeare


Бруталноста на оваа беседа на римскиот херој и генерал Кај Марциј, попознат како Кориолан, од истоимената трагедија на Вилијам Шекспир, мошне сликовито ја објаснува целата конфузност и вулгарност во она што за нас претставува „избор“ т.е. „избирање“.

Имено, фрустрацијата на Кај Марциј овде претставува една увертира на низа настани кои го треба да го доведат до позиција на Конзул во Рим.
Според историските податоци од Ливиј и Плутарх, во моментот кога Кај Марциј, го спасува Рим од опасноста на Волсканците, предводени од Тулиј Офидиј, на Рим му се заканува недостаток на жито. Извесна количина била снабдена од Сицилија, па Сенатот дебатирал за тоа на кој начин истото да се распредели на обичните луѓе. Марциј, сега Кориолан, го застапувал ставот дека житото требало да се подели согласно пресвртот од про-плебејските реформи од 494 година п.н.е., кои проникнале од Првата плебејска сецесија (Secessio Plebis) од 495 до 493 година п.н.е. (Secessio Plebis/ 495 – 493 п.н.е. – прв судир меѓу патрициите и плебејците, произлезен од незадоволството од долговите насобрани на плеќите на плебсот.)

Ралф Фајнс како Кај Мариј Кориолан


Но во Шекспировата „Кориолан“, суштината е подраматична.

Таму фокусот е ставен на Херојот – Кориолан, односно во моралната основа на одлуката во Херојот, vis-a-vis одлуките и барањата на околината која го гради истиот.
Кориолан не се перцепира како историски наратив (оној на Плутарх и Ливиј), туку како херојски избавител на Римскиот популус од непогодите во Рим. Некој кој што според неговите „праведни и доблесни“ дела во борбата со Волсканците, и воден од истите, ќе ги помати сметките на вкоренетиот естаблишмент, кој упорно го насрчува вечно „неодлучниот“ популус.  

Она на што Кај Марциј Кориолан плука пред насобраната толпа од Популусот и дел од Сенаторите е токму конфликтите кои настануваат при моралната кастрација при одлучување и неможноста на толпата да ја согледа сопствената неспособност и беда при изборот што го чини. Токму тој избор се чини диригиран и ефтин.
Како што вели проф.Рубен Брауер од универзитетот Харвард, анализирајќи ја трагедијата за Кориолан, херојот во трагедијата е оној кој не чекори слепо да го следи „повикот на боговите“, како во грчко-римската литературна традиција, па воден од нивниот божествен глас, знае точно кога „да не го извлече мечот“, туку, гледа позади моралната основа на околината и во себе, пред воопшто да посегне по рачката на мечот.
Брауер појаснува дека, ренесансната слика за античкиот херој, иако целосно наследена од Хомер, била под големо влијание од двата најголеми Римски дејци, Виргилиј и Сенека, и нивните литературни трансформации, и реобликувањата на Грчко-Римската традиција во средовековните романси. Вистинската поема за Херојот, според Брауер, е во суштина онаа како што е Енеида, било неопходно да има и апстрактен субјект, по можност Христијански и експлицитно морален, и да има Херој кој е еднаков и ќе го надмине Енеј како пример за доблест. Оттука, вели Брауер, ако се земе како модел верзијата на Илијада од 1611 година, Книга Прва, каде што Ахил е пред искушение да го извлече мечот, но Атина интервенира и го советува, па тој одлучува да не го стори тоа; „Фрли ги уздите врз твоите страсти, и послужи ни. ... Не влечи меч. Зборови употреби, ... , но праведни.“. Во Хомеровата верзија тоа не е така,  Атина му вели:„Престани да се расправаш, не го влечи мечот!“

Иако тоа ни Брауер експлицитно не го дообјаснува, фактот дека моралната одлука, испреплетена во силното раздразливо либидо на прв поглед ни се чини невозможна да се согледа. Но трикот лежи токму во тој конфликт, спрегата, помеѓу ИД-то и Рациото. Иронијата на целата ситуација е да се погледне спрегата помеѓу овие два конфликтни психички модели. Она што Хомеровиот Ахил го прави брутален, не е неговата брутална сила per-se, туку од каде таа доаѓа. Бруталната сила и одлуката за неа, не е сведена на лична одлука, лично спознание и избор за делата кои се чинат, туку најчесто тоа е надворешен фактор – Волјата на боговите. Во ренесансните препеви на Хомер, Бруталноста се гледа преку потрага по „хуманото“ во бруталноста. Не е доволно само Боговите да го сопрат Ахила во намерата, туку и да ја осознае причината за неговата намера – зошто тоа го посакува, дали тоа навистина го посакува, и дали тоа е вистинското решение? Хуманото не е само да се биде морален, честит и човекољубив, туку напротив, да се спознае човековата одлука при божествената сугестија, наместо обратното – божја одлука од божја сугестија.

Но Шекспир, овие дилеми, ги расчистил мошне вешто – ја согледал корумпираноста во самиот избор, односно дека токму ренесансата верзија на херојот, ренесансниот Ахил или Хектор, треба да биде оној кој се соочува со иронијата на ситуацијата, кој јасно го препознава конфликтот на верноста и наклонетоста и неговата морална нишка, ќе биде трагедија во потполна смисла на зборот. Оттука, изборот е личен, и дека не постои морална основа за тоа, туку напросто – чист избор во потполна и трагична смисла на зборот. Оттука, Кај Марциј – Кориолан, со погорниот цитат, ја разобличува целата таа бруталност во корумпираноста на изборот и дилемите во него и на другите околу него, особено Римскиот Популус. Та според тоа, може слободно да се констатира дека Кориолан во суштина не е брутален и вулгарен, туку напротив, тој ја насобрал сета бруталност и вулгарност произлезена од иронијата согледана во општествените околности во Рим, па едноставно го врти огледалото во обратна насока.

Брауер, врз основ на тоа, заклучува сосема ревносно дека:„Херојското насилство, се претпоставува, е самоуништувачко: убивајќи го времето, Херојот се убива себе си. ...“

Ралф Фајнс - Кај Мариј Кориолан


Овде за момент, како би можеле да го појасниме и конкретизираме нашето излагање, ќе се осврнеме на неколку клучни општествено-правни точки.

Според чл.62 ст.2 од Уставот на Република Македонија, Пратениците во Собранието на РМ се избираат на општи, непосредни и слободни избори. Условите и начинот за избор на пратениците се уредуваат со Изборен законик, чиј пречистен текст е од 2011 година. Изборот на пратениците во Собранието, како таков, е израз на политички плурализам, кој е пак исто така, како принцип, втемелен како петта темелна вредност во Уставот (чл.8): „политички плурализам и слободни, непосредни и демократски избори.“
Според Шкариќ (Устав на РМ – Научно толкување, стр.152), политичкиот плурализам е поширок поим од повеќепартизмот, оти во себе ги опфаќа и политичките движења, здруженијата на граѓаните, заинтересираните групи и индивидуи, како носители на политичките идеи. Основната смисла, според него, на сите овие форми е посредувањето меѓу граѓаните како индивидуи, од една, и органите на државната власт, од друга страна.

Од ова може да се заклучи дека смислата позади она што претставува „власт“ односно, она што треба да претставува „избор за власт“ е принципот на посредна демократија. Граѓаните, по пат на избор, од своите редови, претходно организирани во разни облици на политичко дејствување, бираат претставници во административниот апарат наречен „власт“. Според тоа, власта не е некаков недопирлив надворешен медиум, меѓу она божественото, и она земното, туку од една хоризонтална, егалитарна средина, се учествува и управува со една хиерархија на органи.
Со други зборови, поимот „власт“ не е производ на мит, на недопирливост или недостижност, туку е трансформација, трансценденција и разбивање на митот, недопирливоста и недостижноста. Барем на хартија, така е предвидено и договорено на 8 септември 1991 година, односно на 17 ноември 1991 година. Истовремено, поимите плурализам, политика, слобода и непосредност, практично ја конкретизираат суштината на она што значи „избор“. Изборот, во смисла на темелната вредност опишана во чл.8 не е само гола форма на неодреден надворешен фактор (како што акламативно би рекле старите Римјани Amen! – Така треба да биде), туку е најдиректен опис на желбата т.е. посакувањето на човековата индивидуа за избор. Најпрво тој е политички, бидејќи живее во организирана заедница, потоа е плурален (плурализам), бидејќи живее во односи со други луѓе, и се организира и стапува во односи со други луѓе како животна потреба, а не како наметната обврска, и најнакрај слободата и непосредноста се филозофски принципи кои ја објаснуваат човековата природа на рационално и волево убедување и уверување. Според тоа, единката избира тоа да го чини и да го бара за да причини.

Од друга страна, овие нешта не се Res vel in patrimonio divini iuris (ствари од божествена природа) и да припаѓаат на надворешен невидлив фактор, па како такви само да бидат одредливи, за да постојат во прометот како такви. Тие се повеќе од тоа, оти за нив не треба надворешен посреднички медиум.

Како што појаснува Шкариќ, посредувањето меѓу граѓаните и органите на државната власт се врши со две цели: најпрво, со оспособување и организирање на граѓаните преку политичките партии и да учествуваат во натпреварот за освојување на власта, и второ, овозможува на граѓаните, преку разни здруженија, да вршат влијание и контрола врз работата на државните органи на власта. Понатаму, како што констатира на крај Шкариќ, под политички плурализам спаѓаат и независните пратеници во Парламентот, како и оние граѓани кои заради политички причини, апстинираат, или ги бојкотираат изборите.
Значи, да констатираме, суштината на изборот, е и во дадени моменти во општественото живеење и да не причиниш избор!

Меѓутоа, овде има една замка, за која што чинам, дека подоцна, Кориолан, иронично ќе фрли светло, како трула коска врз изгладнети пци.

Имено, во екот на најжестоката политичка кампања, на предвремените парламентарни избори од 11 декември 2016 година, еден ТВ спот на владеачката политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, како да фрла поголема сенка позади сите овие принципи кои погоре ги објаснивме. Токму таа сенка, практично е постаната како плашило, кое е произлезено од конфликтите настанати во практиката, а утврдени во поставените пишани принципи од 17 ноември 1991 година.

ВМРО - ДПМНЕ „Шарени Лаги“


Имено, во ТВ спотот од платената политичка програма на посочената партија, на еден квази-монти пајтоновски начин врши една сопствена депикција на настаните и личностите од периодот на т.н. Шарена Револуција. Спотот го следи следниот наратив. Измислен т.н. Лидер на т.н. Шарена Револуција (кој во суштина треба да го искарикира носителот Павле Богоевски) се вози во скап автомобил, во кој се договара следната средба со толпата која тој треба да ја предводи во протест. Автомобилот застанува, тој се пресоблекува, од скапи алишта во искинати и потни маици, за да дојде на крај и седне во скапа фотелја пред насобраната толпа која ја насрчува за следен протест. Истиот им поставува прашање, идентично од она во филмот Monty Python and the life of Brian: „Добро бе, абе до кога ќе ја трпиме оваа недемократска власт? ... Добро бе, шо напраиле тие за вас?“ (Monty Python: They bled us those bastards! They take everything we had! And not just from us, but from our father, fathers! …. And what they`ve ever given us in return?) Понатаму, во спотот, топлата практично му се спротивставува на Карикираниот Павле, па почнува да набројува и му вели: „Ја намалиле партиципацијата за студирање, вовеле бесплатен автобуски превоз, отвориле нови работни места, нови автопати, болници, нови училишта, евтини летови за во Европа и сл... “ Нешто слично како она Монти Пајтоновско:„They `ve given us aquaducts, sanitation, roads, irrigation, medicine, education, wine, public baths….

„What did the Romans ever given us in return?“


Разликата помеѓу спотот и филмската сцена од филмот на Пајтоновски лежи токму во трагедијата во изборот. Целта на спотот е да ги демистифицира масовните протести против политиките на Власта, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како „бунтови предводени од бунтовници без причина“. Прашањето кое индиректно толпата го поставува пред карикираниот Павле Богоевски е:„Зошто би се бунтувал кога овие се дарежливи и даваат се?“ Одговорот, во суштина, лежи токму во филмската сцена на Пајтоновци, и истиот е во форма на прашања.
Како би знаел дали и за што да се бунтувам, при ситуација на пружање на суптилни компромиси за задоволување на незаситените потреби? Дали тоа е индивидуално прашање на избор, или очекување од надворешен фактор кој би ми го покажал кој е и каков е мојот избор? Дали позади ситните компромиси, во суштина забораваме на сопствената функција позади подметнатите компромиси, или станува збор за чисто неподобно предавање кон веќе определениот избор? И најнакрај, дали позади изборот се крие одредена иронија?

Како што продолжува шегата на Монти Пајтон, иронијата лежи во обете. Реџ, предводникот на бунтовната толпа, на крај, изморен од сите набројувања, и конфликтот при самата ситуација, на прашањето: „Brought Peace???“ тој одговара со:„Oh peace!? SHUT UP!“.
Во погорниот говор на Кориолан тоа е сведено на: „... Јас вас ве прогонувам! ... Презирајќи го поради вас, овој град, ви го вртам грбот. Светот не е само овде! ...“

Да разоткриеме. Иронијата лежи токму во самиот избор. Од една страна темелата вредност од чл.8 од Уставот на РМ ни го опишува општественото за: ): „политички плурализам и слободни, непосредни и демократски избори“, но од друга страна, токму власта која е остварена токму преку истиот овој механизам, ни нуди „земски компромиси“ на удобност „како тоа ние треба да ја читаме“ петтата темелна вредност од членот 8 од Уставот, во ситуација кога истото произлегува и доаѓа од нас самите, како механизам кој ја креира власта, но не и обратното.
Таквата политика веќе длабоко ја еродира изборната свест кај индивидуалниот граѓанин, па тој е сведен како обична толпа еквивалент на Римскиот Популус од трагедијата Кориолан, кој надвикува краткорочно: Amen (It shall be so! – Така треба да биде!) пред долгите популистички беседи на авторитарниот татко отелотворен во апаратот на органите на власта, а приватизиран од толпа приватни узурпатори.
Во вакво предизборно премрежје, слична е и состојбата во крупниот опозициски табор, каде се нуди идеалот за „Живот“, а во суштина живот веќе постои, но истиот е веќе длабоко загаден, па единствена можност да се ослободи од ваквата загаденост е да се прескокне надвор од овие веќе утврдени компромисни рамки. Како што вели Кориолан – There is world elsewhere!
Впрочем, СДСМ, само ја надополнува листата на барања и компромиси што ВМРО-ДПМНЕ ги објаснува во тв спотот, односно кои се опишани во Пајтоновската сцена. Така, на повторното прашање:„Добро, што навистина Римјаните ни дале нам?“, одговорот би бил: „Живот?!“

Имаат план за „Живот“


Изборот не се состои во плуралистичко-политичкото да барам јас нешто од некого, кој заземал улога на авторитарен татко, туку јас веќе избирам непосредно да барам, создавам и менувам она од кое што веќе сум го нашол, создал и сменил.

И овде не треба да имаме илузии во фактот дека истите овие погоре споменати компромиси не се должат на правно не знаење, идеолошка фашизоидност, насилна партиска идеологизација од демо-христијанска проминенција, и слично, туку на идеолошко инфантилно лутање. Ваквото лутање е одлика на самото општество кое не се изборило да создаде правно-политичка основа за да ги причини овие брутални и вулгарни политички појави како невозможни. Овде практично, самото наше демократско општество, во својот зародиш, ја сочувало тенденцијата на изсилено наметнување, брутализирано вулгаризирање вредности, на хајка на општеството против самото себе, под закрила на „чистење од минати идеолошки наративи, демократија, лустрација, традиционални вредности, антика, фолклор, етно-национализам, историски култицизам и слично“.

Значи, прашањето е следно, како би препознале, кога сме слепи и замижуваме пред секоја гадост, само за да го направиме вистинскиот избор? Најнакрај, како ќе знаеме дали сме го направиле вистинскиот избор, ако не ја здогледаме реалната – вистинската гадост?

Овде веќе навлегуваме во игра на зборови, па некако се наметнува формулацијата Дали вистинската гадост е изборот?; или Во изборот е вистинската гадост?

На кратко да ги објасниме нештата преку еден друг пример.

Во шестата епизода од петата сезона на популарната американска хумористична анимирана серија, Американски татко (American Dad), Плитки завети (Shallow vows – Плитки ветувања), главниот протагонист, Стен Смит, кој е агент на ЦИА, кратковиден републиканец и конзервативно воспитан католички авторитарен татко, ќе и вети на сопствената сопруга, Френсин, дека ќе направи свеченост по повод 20 годишнината од нивниот брак само за да докаже дека не ја сака единствено поради нејзиниот изглед, туку и поради нејзината душевна внатрешност. Френсин, иако знае за спротивното, намерно ќе го запостави сопствениот изглед, за вистински да согледа дали Стен реално ќе ја изрази љубовта кон неа. Кога Стен ќе увиди колку одвратно изгледа Френсин без нејзината шминка, редовно вежбање и нега на тело, ќе биде толку ужаснат, што само за да не ја повреди со зборови, ќе направи операција да му ги извадат ретините на очите, и да може постојано да и кажува колку е навистина убава и колку вистински ја сака, без да ја гледа нејзината реална физичка одвратност.

Конфликтот во оваа епизодна комична мелодрама е во тоа што Стен и кажува на Френсин дека ја сака единствено поради нејзиниот прекрасен изглед, по што таа бара од него да го сака внатрешното во неа, а не само нејзиниот надворешен изглед. Дилемата овде е очигледна. Посакуваното секогаш во себе примарно содржи естетски атрибути, нешто кое што нема само да го задоволи либидото моментално, туку и ќе го натера да посакува повторно. Но секогаш постои пречка, во овој случај „Јас ја сакам, но не можам да поднесам да ја гледам.“

И токму тоа се случува.

Стен и Френсин се договараат да не се видат во рок од 2 недели, исто онака како што пред 20 години биле раздвоени пред самата венчавка, за да може Стен вистински да ја изрази својата љубов на јубиларната церемонија. На церемонијата, кога Стен ја очекува Френисн да се појави, на негово изненадување Френсин ќе изгледа тотално неуредно, несредено и физички непривлечно, па ќе посака да си оди. Во моментот кога ќе ја напушти церемонијата, Френсин ќе го запре и ќе бара објаснување, а Стен директно ќе и каже дека таа изгледа одвратно и грдо. Таа ќе побара од него да покаже дека ја сака поради онаква каква што е, нејзината внатрешна убавина, или ќе се разведат. За да го докаже истото, Стен, ќе има секс со Френсин, само за да докаже дека вистински ја сака, се до оној момент кога при завршување на чинот, Френсин не открие дека на таванот над креветот, Стен залепил огромна слика од неа на која изгледа ослабено, уредно и нашминкано. Логиката овде е сосема јасна, можам да се дупам со одвратното и да го прифатам, само ако во себе направам слика дека одвратното не постои, туку наместо него ќе си претставам слика на она посакуваното, кое за мене е вистинско и реално.

Во истоимениот анимиран филм, во една секвенца од истиот, логиката е следна, подобро е да бидам слеп и глупав мајмун кој негледајќи еуфорично се треска по канцелариските ѕидови, отколку да не знам што да изберам. Токму тоа Стен ќе го стори, ќе направи времена операција на ретините од очите, само како не би го гледал ужасниот изглед на Френсин, а во мислите секогаш да си ја претставува дека таа е секогаш млада, убава и секси.

Имено, без Френсин да знае, Стен, веќе ослепен, ќе ја вике во ресторан за да побара прошка и да и каже дека е посветен за да ја почувствува нејзината внатрешна љубов. Меѓутоа Френсин ќе забележи дека нешто не е во ред со Стен, па кога ќе го праша, овој ќе и одговори дека ја сака, и не сака да ја изгуби, но не може никако да го занемари нејзиниот изглед, па го сторил единственото разумно нешто што човек во негова позиција би го сторил, извршил операција на ретината и е комплетно слеп. Тоа го направил за да го спаси нивниот брак, неговите очи го довеле до неволја, па морал да оди во ЦИА за ласерски да му ги извадат ретините. Така, сега кога најпосле е слеп, може да ја препознае и слободно да се заљуби во внатрешноста на Френсин.

И навистина, не гледајќи ги работите што претходно Френсин ги правела и кажувала, сега Стен ослонувајќи се на својата фантазија за претходното посакувано, но здобиено искуство, како и сопствениот слух и вкус, почнува да ги цени и сака работите што Френсин ги прави. На пример, сега, со оглед да Стен е слеп, храната што претходно не ја сакал, само затоа што му изгледала невкусно, неугледно и непривлечно, сега постанува сосема обратно. Дури и сексот е поубав кога е слеп.

Од друга страна пак, можеби овде не станува збор толку за суштината на изборот како таков, туку конкретни прерогативи кои го чинат. Следствено на нив, ние креираме состојба во која вршиме дистинкција помеѓу нештата кои нам ни се чинат грди т.е. префинети, па и како такви ги дефинираме. Дали недостатокот на одреден конкретен стимул предизвикува потреба за истиот, или постоењето на тој стимул е императив за осознавање на дистинкцијата меѓу грдото и префинетото?

Конечно, со оглед да Стен вистински ја покажал својата љубов и го направил вистинскиот избор, Френсин, ќе прифати да се одржи церемонијата по повод 20-годишнината од нивниот брак, и покрај фактот што Стен е тотално слеп. Слепилото е најубавото нешто кое им се случило, на нивната врска им дало длабочина и суштина, па така Френсин нема да мора да се грижи и да го троши времето за да изгледа убаво, туку ќе му се посвети целосно на Стен, бидејќи сега е хендикепиран, а и љубовта им е подлабока.

Така, втората повторена церемонија, овој пат Френсин е таа која нема да се појави пред олтарот. Сега ситуацијата е тотално свртена. Френсин е со објаснување дека не се венчала со Стен за да се грижи за него, туку за таа да почувствува сигурност и грижа. Стен во оваа ситуација не е оној „лошиот“, туку Френсин, затоа што не сака да биде со Стен бидејќи е слеп. Френсин не сака да биде оној што ќе го обезбедува семејството, а Стен не сака грда жена. И обајцата се плитки. Следи дека, не е важно тоа што се венчале заради површни причини, бидејќи сепак бракот, како таков им опстојува. Зошто да се поправа нешто што и онака не е скршено?
Тоа значи дека кога ќе постане телото вреќесто и напумпано, мора истото да се подложи на рискантни и селективни хируршки зафати, односно, да се биде со телото само доколку создава пари и се одржува здраво. Секако, за да може да опстои неговата првобитна намена и замисла. (Со други зборови, правната логика на оваа нео-идеолошка наобразба која произлегува од владеачката номенклатура, впрочем и кај секоја номенклатура која е презаситена од идеолошката желба и потреба за власт, е дека „можеби сме плитки, но нашата љубов е длабока“. Впрочем, тие тоа и јавно го кажуваат „Вашата доверба мотивира“.

Да заклучиме, бруталното и вулгарното во изборот, по својата суштина се плитки, но клучни идеолошки дразби кои не би ја погледнале искрата во мракот, само при ситуација на општо слепило. Слепилото е прерогатив на јасното гледање на иронијата која е пред нас. Не постои никаква друга надворешна дразба која би поттикнала да се воочи бруталноста на иронијата, освен дразбата сама по себе. Токму таа и го одредува изборот, макар и тој ни плукнал в лице.

Оттука, да се изразиме во правна форма, изразот на волја при избор, во рамките на општеството, како највисок стадиум на политички – плурализам, непосредност, слобода и демократија, од една страна е формално облигаторен, оти е врежан во уставните нормативи на нашето општество, како општествен договор од највисок карактер. Оттука Уставот практично и го дообјаснува волевиот карактер на изборот, и го формализира и конкретизира. Меѓутоа, тој не го држи во строга ius positivum рамка, дека тоа е нормативно формално запишано и тоа е така, и нема бегање од тоа, туку и ја објаснува природната потреба на човекот – граѓанинот (ius naturale) дека во моменти кога сиот овој механизам ќе се сврти против поставените принципи, од самите граѓани, истите избираат да ги променат, оти тоа произлегува во нив, како природна потреба на нештата – како потреба за „Друг свет, таму некаде“(Кориолан).



Така, матрицата на секој Устав не е техичкиот карактер, т.е. неговата техничка природа применета во практика, туку поаѓа од идеолошката премиса како врска меѓу граѓанинот/човекот и изборот на граѓанинот за она што треба да претставува власт врз основ на Устав. Според тоа, врската на уставните партнери „граѓанинот“ и „власта“, секогаш ќе биде клучен фактор при изборот на позицијата и идејата т.е. суштината за позицијата која обајцата ја заземаат. Тоа е основен принцип на еднаквост, рамноправност на силите, и потребата за еманципација на конституенсите во едно општество. Така, штом се воочи злоупотреба, тогаш, како што вели проф.Шкариќ: „Владата ја демонстрира својата омнипотентност и во сферата на уставотворната власт. Власта на народот (potestas) ја заменува со своја власт (auctoritas).“ Во овој случај, идеолошката матрица на ваквиот сексуален чин е сведена на најобично лепење на постер со гола жена на површината на таванот.

Ова е најпластична дефиниција за тоа што претставува слобода на исфорсиран избор.

Дали практиката на исфорсиран избор ќе продолжи и во иднина, односно авторитарниот избор ќе продолжи брутално да ги вулгаризира и изопачува нашите животи, останува да видиме. Впрочем, и не треба да се очекува ни најмалку дека некоја надворешна рака – некој Херој од таму некаде, ќе вулгарно ќе не нарече „орда кучешка“, туку како што погоре проф.Брауер заклучува, „во убивање на времето, херојот се убива себе си“. Тоа значи дека потрошивме и убивме доволно време, па сега е дојдено време да го убиеме нерационалното херојство во себе.

Не постојат херои, не постои некоја надворешна виша сила, сами сме во изборот. Можеме да бидеме херои само за уште еден ден, а понатаму останува се на нас.


… Cut me to pieces, Volsces, men and lads,                   
Strain all your edges on me. Boy! False hand!“            
If you have writ your annals true, `tis there,                   
That like an eagle in a dovecote, I                                    
Fluttered your Volscians in Corioles.                                  
Alone I did it. Boy? …“                                                      

 „... Исечете ме на парчиња, Волшчани, мажи и деца,
 Остриците во мене заријте ги. Јас плачко? Куче едно
 лажливо! Ако точно сте ја напишале историјата
 ваша, таму стои дека ко орел во голубарник, јас
 сум ги толчел Волшчаните во Кориол.             
И тоа сам. Мене тој плачко! ...“                                                                         
 Coriolanus /Act 5 scene 6 f.115 – William Shakespeare



Мислам дека во денешната ситуација, каде што идеологијата зазема невиден дел од нашите животи, затоа што ја дишеме, па дури и ја доживуваме како не-идеологија, мора најпрво да ги разбудите луѓето; теоријата, брутално, мора да има приоритет.“
Славој Жижек  

No comments:

Post a Comment