Lex est quod populus jubet atque constituit

Wednesday, November 18, 2015

КУСО ЗА ЛЕВИЦА(ТА)

It`s not who I am underneath, but what I do that defines me.
Bruce Wayne/Batman – Christopher Nolan`s Batman Begins (2006)

Реално црвено среде сонувано сивило



Во време кога во нашата држава брутално се поистоветува историското со секојдневното, а овие две пак се испреплетуваат како нужност за општественото, многу е тешко да се согледа одговорот на прашањето: „како е возможно тоа така да функционира, воопшто?“.

Како е возможно да поради потребата од општествено бегство од „историската нужност“ на Црвената Авангарда да создаде побогато, поправедно и послободно општество, и при тоа истата крваво да пропадне, веднаш по пропаста, да се удрат нови темели на историска нужност, и тоа од оние кои ја урнисаа т.н. Авангарда?

Оптеретеноста на историското секојдневие со „историјата“, со „вредностите“, „враќањето“ и „правдата“, се чини дека во ова предворје на 25 години независност, дијалектички прерасна од трагедија во фарса.

Оние левичари, кои на почетокот од овој четврт век, го преземаа јарболот за веење на знамиња со нова пишана, вербална и симболичка реторика, само ја сменија бојата; од „црвена буржоазија“ само ја покажаа вистинската крв на желбата за буржоазија – плава, ројалистичка.

Додека, оние индиспонирани и, навидум нејасно, репресирани селанчиња-гастербајтери, со сомнително минато, и уште посомнителна потреба да го интерпретираат, прераскажат и наметнат своето т.н. минато, ја преземаа црвената боја за себе, како единствен, неприкосновен и неделив историски прерогатив во име на цело едно општество, при тоа бришејќи ги околностите кои довеле до нивната авторитарна потреба.

Неверници - Млада сина буржоазија


Овие првите, т.н. леви модерни буржуи, поради потребата да се смени еден општествен систем, и доведен друг, подемократски, на почетокот, од една жестока вербална реторика и практика, не гледајќи како влегуваат од грешка во грешка, и при тоа имајќи суштинскиот мовенс да сфатат и научат од направените грешки, заглибија најпрво во лева механика, а потоа она што преостана е само она т.н. „потребата за“.
И ден денес е нејасно, каква е таа „потреба за“. Се чини дека во преголемата желба за „демократија, слобода, права, правда, вредности“ и слично, истите за Нив се претворија во трагично deja-vous, а за нас преостанатите, ужасен кошмар.

Оние вторите пак, т.н. сомнителни селанчиња-гастербајтери, произлегоа дека добро им дојде од рака менувањето на опинокот и ставање на добро исполираниот чевел на подуената нога. Впрочем, ако се сеќавате, во нивните редови веќе имаа прекалени кадри од т.н. Црвена Авангарда.
Нивната желба за национална и наднационална историска линеарна нарација на „новото“ општество беше, и се уште е третирано како највисок дострел на потребата за традиција, отчетност, патриотизам, национализам и популизам.
Чувството на ексклузивитет во ваквото поистоветување веќе е прерасната од каприц и комплекс, во желба која секоја единка мора да ја чувствува и размислува, со оглед да, според Нив, тоа е единствената точна артикулација на желбата на луѓе и дејци изумрени пред стотина и повеќе (илјадници) години. Не би било претерување ако се констатира дека ваквата желба е од сомнителна сексуална природа, па истата би можела да се смета за непосакувана и наметната настраност.

И сега, кога ќе ги согледаме овие две политички противречности, повеќе од јасно станува дека во ваквиот општествено-политички дуел сме заробени сите ние.

Верник - „Господ го прати 2003 година Македонија да ја спаси“ - Бате Геле


Интересно, но во меѓувреме се изродија такви политички партии кои беа најавувани како „нов бран“, „светла точка“, „нов почеток“, но во суштина нивната наводна егалитарност беше (и се уште е) манифестиран елитизам и нејасен минимализам. Впрочем тие се изродија од големите Сини и Црвени, од Социјал-демократите и Национал-единствените. Иако декларативно „посебни“, сосема очекувано, редовно кокетираат со нивните домицили. Така, социјално-политичката структура останува непроменета, па зависно од потребите, таа само декларативно ја менува својата артикулација зависно од ново настанатите потреби.

Во сиот тој вртлог на диархиска политичка борба најголем губитник постана гласачот, а преку него и самото општество. Партиските чистки кои следат веднаш по парламентарни или локани избори станаа нужност за функционирање на овој чуден диархичен апарат. Најпрво, поради чиста партиска неподобност, за потоа, денес, како потреба за влез на кадри од партијата „заради доброто на економијата“, а со тоа и на народот.
Од друга страна, сечењето на папочната врвца со „старата идеологија“, онаа пред `91-ва, односно со терминот „идеологија“ воопшто, отвори пат за толкување „вакуумот без идеологија“. Токму тој вакуум постана идеологија сам по себе, оти се наполни со наративни матрици на индивидуи кои добиле шанса и се издигнале во посочените диархични партии.
Она што е клучно овде претставува фактот што и двете партии, но и пајтонските од нив, дистанцирајќи се од т.н. зло пред `91-ва, кое при тоа, беше (и се уште е) етикетирано и табуизирано како такво токму од нив самите, придонесе самите тие да се служат со методи невидени пред „оцрнетиот период“.

Токму тоа стана наратив за „новата не-идеологија“ која сите спонтано ја прифатија.

Во таквата „не-идеологија“ простор добиваат сите оние ситни лични каприци и комплекси кои предаторски чекаат шанса да испливаат на површина. Општествените поделби прераснуваат во исклучиво „поделби“, критиката исклучиво негација, религијата исклучиво подобна, атеизмот исклучиво еретички. Историјата емотивно патриотска, правдата формална, а процедурата абнормална.
Вредностите како толеранција, слобода, правда, еднаквост постанаа само реторички алатки.
Со други зборови, ние сме толерантни до оној момент додека некој не навлезе во нашиот свет микропростор. Во него слободни сме да правиме што сакаме, се додека не ни навлезат, и не навлеземе, а тој однос е правичен и еднаков. А приватно, во суштина не се поднесуваме токму поради нараснатите нејасни разлики.

Дополнително, слободни сме во се, единствено да го промениме она што не чини неслободни; системот настанат овие не цели 25 години.

Меѓутоа, овде не треба лесно да паѓаме во замката, дека тоа е некое „задкулисно смислено црно сценарио“, туку, треба да го прифатиме очигледното, за полесно да ја сфатиме реалноста, и да го бараме она што навидум ни се чини невозможно. Секако, процесите во ова наше четврт-вековно државување, не е ништо друго туку збир на однос од нас самите, vis-a-vis создадената политичка реалност, која ја баравме и изразивме преку политичките партии. Токму ваквата противречност доведе до една модерна Диархија, која произведе политичка летаргија на целото општество.
Летаргија која со едно око ги гледа противречностите во самото себе, но истовремено безволно и ненужно одбегнува секаков пристап кон истите.

Израз на летаргија - слобода поклонета кон имагинарен авторитет


Летаргијата стана општествена нужност. Таа денес е највисок продукт на противречностите создадени во модерното Македонско општество.

Од тие причини мора да постои Левица.

Оттука, без никакви дополнителни памфлетирања и накитени зборови околу тоа што е, и што треба да биде Левица, треба да ни биде јасно дека моментот е сега и веднаш, оти токму Левица постана општествена нужност. Нужност која е согледана токму во разликите кои се повеќе нѐ разделуваат и нѐ предаваат кон моќта да „некој таму некаде“ нѐ избави од калта во која длабоко сме западнале. Левицата е таа која ќе му каже на давеникот дека се дави, односно на оној кој не гледа дека под него има провалија, истата да ја погледне. Нужноста за Левица е одбрана на заедничките точки на борба во светло на разликите кои нѐ разделуваат.

Секое друго артиклулирање кое предизвикува вртење во круг, како и желба за враќање на вредности одамна изгубени, е пропаст пред самиот почеток.

Време е да се тргнат маските, бидејќи кога граѓанската политичка акција е неприсутна, симнувањето на истите само по себе е политички акт.

Левица



It doesn’t matter who we are, what matters is our plan.

Bane - Christopher Nolan`s The dark knight rises (2012)

No comments:

Post a Comment