Lex est quod populus jubet atque constituit

Saturday, November 8, 2014

СМРТТА И БЕСКРАЈОТ МЕЃУ СНИТЕ И РЕАЛНОСТА





Микеланџело Буонароти/Систинска Капела - Последниот Суд


Пред да ја погледнеме суштината на овие ремиксирани парчиња музика од култниот бенд, треба да расчистиме неколку работи за сите оние што не го слушнале „последниот“ албум на Пинк Флојд, како и за оние кои веќе го слушнале.      

Прво, овде не станува збор за „нов“ албум, нешто што по својата суштина би следело после The Division Bell. Инструменталните пиеси во него се постари од 20 години и се креативен продукт на барање како да се финализира нешто започнато во средината на 60-тите години од 20-тиот век. Оттука од старт се веќе излишни оние досадни провинцијалски филозофии дека „ова го прават за пари“ и слично. Ник Мејсон долг период речиси и да не се занимава со музика. Девид Гилмор, идната година ќе извади нов албум, Роџер не е во бендот од 1985 година, а Рик фала Богу веќе 6 години е два метри под земја. Сид веќе одамна е меѓу мртвите, прво ментално, а во 2006 година и физички. Најнакрај, сите преостанати живи се дедовци.

Второ, секоја интелигентна критика што содржи во себе „ми се допаѓа – не ми се допаѓа“ станува веќе патетична и е дел од досадното секојдневие. Во последно време таквите атрибути веќе добиваат тенденција и на општа слушачка под просечност.
Старите римјани имале сосема валидна поговорка „De gustibus non est disputandum“ – „Во работите за вкусот, не може да има спорење“, односно во буквален превод „За вкусовите не смее да се спори/разговара“. Личните преференци сврзани со општото секојдневие се само субјективни мислења кои не можат да бидат исправни или погрешни, па според тоа и не треба да се сметаат дека се. Според тоа, тешко е да се препознае и даде адекватна критика, онаму каде што тоа е навистина потребно, отколку, како замена за тоа, да се изеде вкусно парче торта.

Со оглед да денес во секоја пора од нашите животи нештата ги гледаме токму преку „најаденоста на стомакот“, па во недостаток на квалитетна храна сме станале презаситени и пребирливи дечишта, повеќе од очигледно е дека не постои некоја врзлива точка која ќе даде одреден релевантен критериум. Поради тоа денес секој е критичар.

И трето, денес е многу „модерно“ да се каже „јас слушам/сакам секаква музика“. Токму оваа поставка е тотално спротивна и нелогична во поглед на тезата за „вкусовите“. Ако личните преференци се сврзани со субјективните мислења за допадливост, тогаш е нејасно како тоа еден тип на храна ни се допаѓа повеќе од друг, додека истовремено преференците кои бараат поголем интелектуален напор ги сведуваме на ниво на De gustibus, кое истовремено целосно го посакуваме и преферираме? Трикот овде лежи во тоа што луѓето секогаш сакаат нешто, но истото не го посакуваат вистински. Илузијата на сакањето ја засенува вистинската потреба за посакување која е запоставена.

И токму ова, последното, чинам е клучна точка во нашата расправа околу овој фамозен „нов“ албум на култните Пинк Флојд. Во основа, не сум сигурен дека преостанатите членови имале некоја исконска желба да создадат нов албум, да споделат нешто со публиката, уште повеќе да „вметнат некои скриени пораки и значења“. Но истовремено сум исто така сигурен, од музички аспект, дека музиката на Флојд не е наивна како што изгледа. За него, т.е. за членовите од Бендот секогаш било нешто повеќе, еден вид драматична комунијација на инстинктивните нагони претставени во една хронолошка пиеса. Оттука, клучно е да се појасни, Зошто The Endless River, и Зошто токму сега? На крајот на краиштата, Што во суштина е The Endless River?

High Hopes - „At higher altitude with flags unfurled, we reached the dizzy heights of that dreamed of world“


Да почнеме од почеток.

Приказната за Пинк во суштина е продукт уште од самите почетоци на Бендот. За оние што не се информирани од каде доаѓа името, тоа е спојка на имињата на двајца блузери, Пинк Андерсон (од Северна Каролина) и Флојд Каунсл (од Јужна Каролина). Името го дал еден од првите основачи на Бендот – Роџер Кит Берет т.е. Сид Берет. По „лудилото“ на Сид, преостанатите членови на Бендот ја заменуваат театралноста и инфантилниот музички звук со сопствен пристап кој и тоа како произлегува од потребата да се прикаже неприсуството на Сид, алиенацијата, и секако смртта како нивен ултимативен продукт.

Оттогаш, името Pink Floyd, веќе престанува да биде име на една четворка која излегува на концерти и прави психоделични свирки, туку прераснува во еден жив човечки бестелесен субјект. Пинк има форма и став кој со текот на времето го гради и надоградува за сметка на публиката и Бендот кој „ја свири неговата волја и карактер“.

Смртта, покрај темите за лудилото, алчноста, амбицијата и идентитетот, била клучен фактор во илустрирање на еден од мошне важните филозофски проблеми за појавите и реалноста. И тоа е сосема јасно ако се земе во предвид дека од лудилото на Сид до последниот нивен здив во 1994 година, Бендот веќе не е она дете кое сака да ја гледа како Емили си игра (See Emily Play), да се дружи со Арнолд Лејн (Arnold Layne), да мечтае по Јаболките и Портокалите (Apples and Oranges), му се потсмева на Плашилото (Scarecrow), да се воодушевува на новиот Велосипед (Bike) или да се загледува и вози по Ѕвездите (Interstellar Overdrive, Astronomy Domine).

Во таа потрага за идентификација, Слободната Четворка (Free Four) го губи парцијалниот идентитет, оној на членовите од Бендот, и го заменува со ликот на Пинк. Наивноста и латентноста во музичкиот пристап веќе не е случај, туку е причина за напредок. Детето веќе ја пробило сексуалната латенција, па задржувањето на сексуалните изразувања преоѓаат во нагон во пубертетот на Пинк. Лудилото на Сид секако има удел во ваквиот развој, па ако во еден момент членовите на Бендот гледале кон истото како на „порок“, против кој не може многу да се направи, и кој да го прави Детето суштински несоодветно за „воспитување“, пробивот на ваквата латенција е во принципот на приоѓање и разјаснување на тој нагон. Сега, нагонот е ставен во службата на функцијата на „размножување“ – Пинк станува алтруистичен.

Нагонот за живот е еквивалент на нагонот за смрт, па примарните пориви да се објасни и даде смисла за постоењето на Пинк и зародишот на неговата зрелост во оваа фаза на пубертетот е очигледна:

The memories of a man in his old age
Are the deeds of a man in his prime.
You shuffle in gloom of the sickroom
And talk to yourself as you die.

Life is a short warm moment
And death is a long cold rest.
You get your chance to try in the twinkling of an eye:
Eighty years, with luck, or even less.

А единствениот начин да се објасни и прикаже она Сопственото, е да се погледне во очите на друг:

Strangers passing in the street
By chance two separate glances meet
And I am you and what I see is me.
And do I take you by the hand
And lead you through the land
And help me understand the best I can.

Следејќи ги стилистичките одлики на еден од неговите филозофски инспирации, Фридрих Ниче, Мартин Бубер, во својата „Јас и Ти“, ќе запише серија на афоризми – релативно кратки изјави кои се со намера да ја пренесе општата смисла на вистината – отколку да го искористи традиционалниот филозофски пристап на аргументирана логичка работа која води од цитираните поставки до посакуваниот заклучок. Централниот интерес на Бубер е дека „луѓето во модерното општество изгубиле контакт со „оригиналниот“ начин на соочување со другите во полза на аналитички начин на спознавање и доживување на светот.“ Кога се соочувам со нештата и луѓето во релација Јас-Ти, Јас го осознавам Ти со мојата целовитост преку непосредна врска, а не со моите сетила, интелектуални категории или проценки. Со други зборови, не постојат концептуални ограничувања или очекувања кои го издвојуваат она „ЈАС“ од „ТИ“.

И токму кон тоа цели нашиот Пинк.

Us and them
And after all we`re only ordinary men.
Me and you
God only knows it’s not what we would choose to do.

Меѓутоа, овде постои еден трик. Не е доволно да се покаже единството во Us & Them – Me &You, кое имплицира на обичноста на луѓето и нивниот избор што и како да направат – дека нештата се на некој начин сепак предетерминирани, па следствено на тоа, нашиот и изборот на Пинк. Трикот лежи токму во изјавата на Jerry the Irish doorman – „There is no dark side of the moon really. Matter of fact it’s all dark...“, која е своевидна увертира во она што Пинк го разоткрива во Eclipse:

All that you touch,
All that you see,
All that you taste,
All you feel….
All you create,
All you destroy,
All that you do,
All that you say…..
…and everything under the sun is in tune,
But the sun is eclipsed by the moon.

Истото Пинк го отпејува во песната „Time“ : „...So you run and you run catch up with the sun but its sinking, Racing around to come up behind you again. The sun is the same in a relative way but you are older, Shorter of breath and one day closer to death..“. Песната The Great Gig in the Sky со својата едноставност е уште по директна во својот музички инструментален опис – без текст, без комплексна музичка форма, само вокален врисок и меланхоличен воздух на звуци.

Како лебдење по бескрајна река.

Со други зборови, не постои нешто таму некаде што нам т.е. Пинк, предетерминира да биде онакво какво што е и какво што ќе биде, туку она што навистина е. Жижек тоа го објаснува мошне пластично – „It`s not what you are buying, but instead what you are buying into.“ (Во слободен превод тоа би значело: „Тоа не е само она што го купувате, туку во што се вклучувате“.)Жижек тоа го дефинира како „културолошки капитализам“, односно, „Вие не купувате само кафе, туку вие се вовлекувате во самиот конзумеристички акт (чин); купувате искупување (еден вид на нео-спасение) поради тоа што сте конзумерист.

Голиот акт на перцепција врз сам себе, во очите и делата на друг за нас е купување на искупување за она што сами за себе претставуваме ЈАС, односно ТИ во очите на другите. Токму тоа е она што Пинк го раскажува кога се обидува да го најде своето место под сонцето, меѓу тие други околу него – членовите од бендот, публиката, музичката индустрија и музиката воопшто.

Се поставува прашањето: „Дали е Пинк алегорија на Нас или ние сите сме алегорија на Пинк?“

High Hopes - ...The water flowing...


Субјектот е нешто парцијално, лице кое што го гледаме, а позади него постои празнина - ништо. И секако, ние спонтано се стремиме да ја пополниме таа празнина, тоа ништо, со нашите фантазии за богатството на човековата личност, моралот, добрината и слично. За да видиме со што реалноста недостасува, да ја видиме таква каква што е, тогаш ја гледаме субјективноста. Ако за нас Пинк е нешто парцијално, субјективно, што ние го пополнуваме со наши атрибути, па во суштина станува наше олицетворение. Слично и Пинк. Она што Пинк го прави е во суштина истото – гледа во нас нешто парцијално, субјективно, и тоа го презема за да го пополни со атрибути. И она што е иронично во целата оваа ситуација е тоа што позади ова Субјективно (Ние и Пинк) не постои ништо, освен тенденцијата за пополнување на празнината.

Се чини дека Ние и Пинк, сме идентични во многу нешта.

Социјалниот теоретичар и музиколог Теодор Адорно навистина интересно ќе го забележи следново: „Композицијата слуша за слушателот. На овој начин популарната музика го лишува слушателот од неговата непосредност и промовира условени рефлекси.“ Комерцијалната музика ветува дека ќе пружи две нешта кои луѓето ги посакуваат во и од слободното време: 1.новитет и 2.релаксација, која воопшто не го вклучува обидот за концентрација. Но Адорно појаснува дека „бегството од досада и избегнувањето на напорот/обидот се некомпатибилни.“ Понудите на популарната музика се постојано идентични, новитетот исчезнува и слушателот повторно запаѓа во досада. Тоа е круг кој го прави бегството невозможно.

Во албумот The Wall, ако го појачате звукот на слушалките, веднаш на крајот на последната песна „Outside the wall“ ќе го чуете Роџер Вотерс: „...Isn`t this where...“, па ако веднаш продолжите со почетокот на албумот, на самиот почеток - вовед на песната „In the flesh“, ќе го чуете крајот од реторичкото прашање на Роџер: „...we came in?...

Во секој случај, луѓето постојано вреваат за она што ќе го добијат и за она што сакаат да го добијат.

Welcome my son, welcome to the machine.
What did you dream?
It`s alright, we told you what to dream

За Адорно, во својата „Филозофија на модерната музика“, „...ништо не е успешно обврзувачки во уметноста, освен она кое може да биде целосно пополнето од историската состојба на свеста која ја одредува сопствената супстанца.“.

Оттука, ако се вратиме на погорниот заклучок од Жижек, тогаш следствено заклучуваме дека она празното, кое се стремиме да го пополниме е субјектот, а она сопственото, личниот атрибут, е лажното. Така, за да се соочиме со субјективноста, мора да се соочиме со лажното. Лажното, т.е. претставата за Сопственото, личниот атрибут, оној стекнатиот, е бегство од најрадикалните кошмарни димензии на субјективноста.

Тука Жижек дава исклучителна анализа на филмот „Вртолгавица“ на Хичкок, каде Скоти, за да ја задоволи својата мажествена верзија на субјективно доживување за Мадлен, најпрво се принудува себе си, преку својата фантазија за Мадлен, ја принудува Џуди да купува и се облекува во облека која што би прилегала на фантазијата на Скоти за Мадлен. Тоа во суштина е процес на мортификација, што истовремено е и мортификација на желбата за жена.  Со цел да се има Мадлен, жена, да се посакува, сексуално да се општи со неа, Скоти мора да ја мортифицира, односно видоизмени во мртва жена. Скоти не е фасциниран од Мадлен per se, туку од целата сцена, драматизација. Тој гледа наоколу, проверува, балансира, координира, дали фантастичните координати се реално тука. Во онаа точка, кога реалноста во целост се поклопува со фантазијата, Скоти е подготвен да го реализира долго одложениот сексуален чин.

И Пинк овде брилијантно ја игра својата алегорична улога.

Албумот Animals е тотално разголување на ваквите животински инстинкти, како брутален и реален израз на сексуалниот чин меѓу главните актери, Пинк, публиката, членовите од бендот, и музичката индустрија во целост. Овде како да не е доволно алегориски да се изврши претставување на животинските улоги на актерите во животот на Пинк, туку и најбрутално да се прикаже ужасната реалност на овие „животни“.

Пинк веќе директно ни открива дека „Кучињата“ (членовите на Бендот) се одамна мртви, па парчето коска е само условена реакција на веќе долгата практика да се биде „Најверен човеков пријател“ во задоволување на потребата за бегство од најрадикалните кошмарни димензии на субјективноста на Бендот и Публиката.

I gotta admit, that I`m a little bit confused.
Sometimes it seems to me, as if I`m just being used. …

… Deaf, dumb and blind, you just keep on pretending
That everyone`s expendable and no one has a real friend.
And it seems to you the thing to do would be to isolate the winner.
And everything`s done under the sun,
And you believe at heart, everyone`s a killer.

Токму тоа е она што треба да се направи -  да се убие Пинк.

Впрочем на тоа и упатува „Вртоглавица“ на Хичкок кога Скоти не може да се соочи со сопствениот сон – измамата дека Мадлен е Џуди, а Џуди е Мадлен. Да ја воочи реалната потреба за жена, за сметка на потрбата од драматизација Скоти мора да се соочи со ужасната реалност на смртта. Тој мора да ја убие Џуди т.е. Мадлен. Логиката овде е типично Фројдовска, ние бегаме во сништата, за да побегнеме од ужасната реалност. Но тогаш, она што ќе го доживееме во сништата станува уште поужасно, така што тогаш бегаме дури и од сништата, назад во реалноста. Во прв поглед ќе речеме, сништата се за оние кои не можат да издржат, кои не се доволно силни за реалноста. Меѓутоа, во суштина, подоцна гледаме дека реалноста е за оние кои не се доволно силни да се соочат со своите сни.

И тука Пинк поставува една брилијантна замка. Песната Sheep од албумот Animals, која е алегоричен приказ на „мирната и послушна публика“, појаснува:

Have you heard the news?
The dogs are dead!
You better stay home
And do as you`re told,
Get out of the road if you want to grow old.

Па веднаш кога сме помислиле дека тука е крајот на приказната, Пинк смислено го нуди она очигледното – дека реалноста е далеку по сурова отколку некој што може да ја поднесе. Ако Пинк не е доволно силен да се соочи со тежината на својот сон, да се биде богат и славен и истовремено да се задржи потребата за изградба на Субјектот Пинк, тогаш зошто би било поинаку и за оној што е алегорично олицетворение за Пинк – Бендот т.е. Публиката/Луѓето?

Во последните зборови од Животинска Фарма на Џорџ Орвел, авторот ќе запише: „ Дванаесет гласови врескаа во гнев, и сите беа исти. Сега, веќе без сомнение, за тоа што се случило со лицата на свињите. Суштествата однадвор наликуваа од свињи во луѓе, од луѓе во свињи, и од свињи во луѓе повторно; но веќе беше невозможно да се каже што беше што.

Пинк не потсетува дека сеуште не сме подготвени да се соочиме со сопствените сништа, додека реалноста константно и упорно станува се поужасна и понеподнослива. Дотогаш, подобро е можеби да се биде со главата во земја.

You know that I care what happens to you,
And I know that you care for me,
So I don`t feel alone,
Or the weight of the stone,
Now that I`ve found somewhere safe
To bury my bone.
And any fool knows a dog needs a home,
A shelter, from the pigs on the wing.

Токму овде лежи суштината на The Endless River, во потребата да се најде крај и да се прикаже смртта на Пинк (The Division Bell). Сепак, смртта и не е така лоша.

Тешко ни паѓа да ја разбереме смртта, а посебно неодминливиот животен факт за сопствената. Туѓата смрт на прифаќаме како факт, додека својата ја оставаме во некој нереален свет, затоа што немаме непосредно искуство.

Гистав Доре - Карон на реката Стикс


Кај примитивните народи смртта се сметала за најлоша несреќа која што може да му се случи на човекот, и се верувало дека мртвите се, преку секоја мера, незадоволни од својата судбина. Скелетот со кој што денес се поистоветува смртта, укажува дека и смртта е само мртовец. Живите не се чувствувале сигурни од прогонот на мртвите се додека не биле разделени од нив со некој воден тек. Затоа, мртвите, најчесто, биле погребувани на некој остров, пренесувани на другата страна на некоја река; оттука и потекнуваат изразите „од оваа страна“, „од онаа страна“, или „преку“. 

Во старогрчката митологија, поимот за пренесување преку, од другата страна на реката, бил претставен преку реката Стикс (Στύξ), која се наоѓала меѓу Земјата и подземјето, и преку која бродарот Карон, на чун, ги носел мртвите души во Подземниот Свет – Хад. Во буквален превод, Styx значи „омразениот“, која што е сродна со зборот Stygos значи омраза, stygnos = мрачни, stygein = да се гнаси. Зборот stug, проширена форма од коренот steu значи „да турне, закачи, чукне, победи.“ Заклетвите кои биле положени со овие зборови, особено со зборот Styx биле највисоко врзливи па дури и боговите се плашеле да ги прекршат. Интересно, но Стикс исто така било име на божица на истоимената река во старогрчката митологија, која била ќерка на Океанус и Тетида. Била жена на Палас, на кого му ги родила Зелус, Ника, Кратос и Биа. Стикс го поддржала Зевс во Титаномахијата (борбата против титаните), каде што била првата која пристигнала на помош. Поради ова, името што го носела ја означувала врзливата заклетва за Боговите. Така реките, Стикс, Флагетон (река на огнот), Ахерон (река на болката), Лете (река на заборавот) и Кокитус (река на јадот), сите го простирале центарот на подземјето кое се простирало на големо мочуриште, кое исто така понекогаш било нарекувано Стикс. Според Херодот, реката Стикс потекнува од местото Фенеос, каде што е денешна Коринтија, на полуостровот Пелопонез во Грција. Во старите времиња, некои верувале дека ставање паричка (Кароновиот обол – обол е мала паричка во стара Грција) во устата на покојниот, ќе помогне да се плати бродарината што треба да го однесе на другата страна на реката Акерон, и ќе го однесе покојниот во влезот на подземјето. Ако некој не можел да ја плати таксата, се кажувало дека никогаш не можеле да ја преминат реката. Овој ритуал бил правен само од најблиските.

Во книгата „ Рајот и Пеколот во македонската и албанската народна традиција“, на Танас Вражиновски и Хамит Џафери, Џафери ќе запише: „Патот кон горниот свет, односно кон небото, води преку вода. Патот преку вода е полесен за одење во споредба со патот кој би одел преку планини. Тука постои граница во однос на водниот пат. Границата завршува со завршувањето на водата и душата летнува кон небото.“ Во истата, според едно локално предание од преспанскиот регион (на извесно лице Зејнели З.), на умрениот треба да му се помогне за да ги надмине тешкотиите во другиот свет, за да има со што да плати, за да ја премине долгата и ужасна река, која се наоѓа на почетокот на патот, пред да влезе во другиот свет. Џафери, за обичаите кај Албанците во Македонија ќе забележи дека „Треба да се размислува дека смртта пристигнува секој миг. Треба да се научат придобивките на сеќавањето на смртта и последиците на долгата надеж. ... Смртта на секој муслиман или православен е дар. Значи, смртта е реалност (долг).“.

Во последниот албум на Пинк, The Division Bell, во последната песна High Hopes стои:

„...There was a ragged band that followed in our footsteps
Running before time took our dreams away.
Leaving the myriad small creatures trying to tie us to the ground,
To a life consumed by slow decay. …

.... At higher altitude with flags unfurled
We reached the dizzy heights of that dreamed of world.

Pink Floyd


Овде во суштина како веќе Пинк да не постои, барем не декларативно. Како некој друг да говори во негово име за неговите дела. Јасно, Пинк е веќе мртов, она што го слушаме е реквиемот при погребната церемонија. Главните актери („All along or in twos, the once who really love you, walk up and down outside the wall. Some hand in hand, some gathered together in bands, the bleeding hearts and the artists who make their stand. … – Outside the wall/The Wall 1979), членовите на Бендот и останатите оддаваат последна почит кон оној што оставил вечен траг врз Ѕидот. Дури сега е време да се погреба Пинк. Време е да се тргнат маските, и да се погледа истрошеното тело на Пинк и испрати онаму каде што припаѓа, а разголените лица и сурогат Бендот и да се погледне празниот реален субјект, наместо бесмислено да се пополнува со рекреациска стока.

„… The grass was greener,
The light was brighter,
The taste was sweeter,
The nights of wonder
With friends surrounded
The dawn mist glowing
The water flowing
The endless river
Forever and ever. …

The Endless River


И токму овие последни два стиха се лајтмотивот на албумот – The Endless River. Всушност, како што и самите преостанати двајца членови од Бендот изјавија дека не станува збор за нов албум, бидејќи такво нешто никогаш не било намера, туку тоа е едно заборавено опростување кон Пинк. Музички, албумот е етеричен, компактен и редоследен, и сосема разбирливо, ако се земе предвид името. Тој го објаснува патот на Пинк преку реката Стикс, во која бил пуштен далеку пред 1994 година со Division Bell (уште во 1979 година со The Wall).
Членовите од Бендот, во неколку интервјуа дури и појаснија дека примарната идеја била The Division Bell да биде составен од два дела, првиот е овој инструменталниот – The Endless River, а вториот е оној кој веќе го знаеме. Музички, сосема совршено се вклопува, бидејќи првата нумера од The Division Bell Cluster One, е посакуваното и остварено меланхолично опростување и очекување за една нова форма во една друга и нова, но неизвесна иднина. 

Encumbered forever, by desire and ambition,
There is a hunger still unsatisfied.
Our weary eyes still stray to the horizon
Though down this road we`ve been so many times.

The Endless River е едно освестување дека Пинк Флојд веќе не постои, и дека нема да постои, едноставно нема повеќе место за него. Во The Division Bell е опростувањето и очекувањето. Во опростувањето има реминисценција за животот на Пинк, почнувајќи со Cluster One, која на наједноставен можен начин го доловува звукот на раѓањето. Очекувањето е исклучиво во High Hopes, со надеж дека некој друг ќе успее да прикаже дека реалноста е за оние кои не се доволно силни да се соочат со своите сни, бидејќи за Пинк сепак се доволни само сништата, но не и реалноста за која не бил доволно силен да ја издржи.  

Од тие причини крајот е Louder than Words.

No comments:

Post a Comment