Lex est quod populus jubet atque constituit

Sunday, May 4, 2014

ВРТОГЛАВЕЊЕ ДО НОВИ ПАРОЛИ

Денес е 4-мај. Тоа е ден кога пред точно 128 години во Чикаго, во Вторник, на 4 мај 1886 година се случил т.н. бунт Хејмаркет (попознат како Масакрот Хејмаркет), во кој како последица на бомбашкиот напад што се случил за време на работничките демонстрации на истоимениот Плоштад. Демонстрациите најпрво започнале како мирен собир заради поддшка на работниците кои изразиле право на штрајк за да добијат осумчасовен работен ден, и како реакција на убивањето на неколкумина работници од претходниот ден од страна на полицијата. Така, во жарот на демонстрациите, непозната личност фрлила динамит, бомба, кон полицијата, па како реакција на тоа полицијата го срушила јавниот собир. Ударот од бомбата и пукотниците од оружје кои следеле подоцна, резултирале со смрт на седум полицајци и најмалку четири цивили, како и многу други повредени.

Причините за овој собир се многусежни. По крајот на Граѓанската војна во САД 1861-1865, поточно следејќи ја Депресијата од 1873-79 година, индустриското производство во САД го доживеало својот прв процут со невидена забрзаност. Чикако, во тоа време, бил главен индустриски центар на десетици илјадници Германски и Бохемиски емигранти кои биле вработени со висина на плата од околу 1.50 долари на ден. Американските работници, од друга страна, работеле на просек, нешто над 60 часа во текот на шестдневна работна недела. Градот постанал центар на многу обиди за организирање на работничките барања за подобри работни услови.( Barrett, James R. "Unionization". Encyclopedia of Chicago. Chicago History Museum, Newberry Library, Northwestern University. Retrieved April 2, 2012.). Работодавачите, од друга страна пак, на ова, одговориле со анти-синдикални мерки, како на пример, отпуштање и индивидуализација на членови на синдикатите, затворање на работниците, регрутирање на лица кои што ќе ги разбиваат штрајковите, вработување на шпиуни, разбојници, насилници и приватни безбедносни агенти, како и умислено ги влошувале етничките тензии меѓу работниците, а се со цел да извршат поделба меѓу истите. Главните весници кои ги поддржувале бизнис интересите биле често напаѓани од работничкиот и емигрантски печат. За време на економскиот пад помеѓу 1882 и 1886 година, се појавиле социјалистички и анархистички организации, кои имале големо влијание. Така како за пример, членството на т.н. друштво „Витези на трудот“, поточно „Благороден и Свет Ред на Витезите на Трудот“, кое што го одбило социјализмот и радикализмот како идеологија, но ја поддржувале паролата за 8 часовен работен ден, израснало од 70,000 во 1884 до преку 700,000 до 1886 година (Kemmerer, Donald L.; Edward D. Wickersham (January 1950). "Reasons for the Growth of the Knights of Labor in 1885-1886". Industrial and Labor Relations Review 3 (2): 213–220). Во Чикаго, анархистичкото движење од неколку илјади, кое било сочинето најчесто од емигранти, и кое било сконцентрирано од работници од германско говорно подрачје го издавало весникот Arbeiter – Zeitung (Workers` Times), бил издаван од Аугуст Винсент Теодор Спајс, еден од анархистичките лидери во Чикаго, а подоцна осуден како виновен за кривично дело – Заговор при извршување на убиство (од денешна перспектива, според нашиот Кривичен законик, ова дело би се квалифицирало како – Злосторничко здружување по чл.394 ст.3 в.в. со ст.1 в.в. со чл.123 ст.1 од КЗ, односно Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела, т.е. Ако групата или бандата има за цел вршење кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од најмалку осум години, во овој случај - ако лишат друг од живот – Убиство по чл.123 ст.1), како учесник во Хајмаркет Аферата (Henry David, The History of the Haymarket Affair (1936), introductory chapters, pages 21 to 138).

Така, саботата, на 1 мај, илјадници работници го започнале својот штрајк, а собири биле одржани ширум САД со паролата „ Eight-hour day with no cut in pay“ (Очигледно е дека паролата на англиски јазик е така срочена како би се римувала, па преведено на македонски би звучела пролично грубо и неадекватно, но во секој случај, таа би се превела како „Осумчасовен работен ден без кратење на плата.“). Проценките за бројот на работници кои излегле на штрајк ширум САД варираат од 300,000 до половина милион (Foner, May Day, p. 27). Само во Њу Јорк бројот на демонстранти бил околу 10,000, а во Детроит 11,000. Во Милвоки, Висконсин, излегле точно 10,000 работници. Во Чикаго, центарот на Движењето, се проценува дека излегле помеѓу 30,000 и 40,000 работници, додека пак дупло повеќе луѓе учествувале на разни други демонстрации за искажување на други цели. На пример, вработените во дрвната индустрија од Чикаго организирале поворка од 10,000 работници (Foner, May Day, p. 27).

На 3 мај, штрајкувачките работници во Чикаго се собрале близу фабриката „McCormick Harvesting Machine Company“ (МекКормик Компанијата за Земјоделски Машини). Синдикалците од фабриката, кои биле од доминатно Ирско-Американско потекло, и кои во време на штрајкот од 1885 година биле разбиени од страна на Гардата Пинкертон (Детективска Национална Агенција – Пинкертон, основана 1850 година), од истата биле заклучени во неа уште од почетокот на Февруари 1886 година. Ваквите дејствија, од тој настан, заедно со осумчасовниот оружен надзор над работниците од МекКормик, придонело за огормна почит и респектабилност кај штрајкувачите ширум градот. Така, се до штрајкот од 1886 година, разбивачите на штрајкот кои влегле во Фабриката МекКормик, биле во придружба на 400 полицајци. Иако половина од работниците на замена на генералниот штрајк од 1 мај пребегнале, работниците од МекКормик продолжиле да ги вознемируваат „разбивачите“ преминувајќи преку жичните и дрвените огради од фабриката.

Аугуст Спајс, говорејќи во предворјето на Фабриката на 3 мај, ги советувал штрајкувачите „да се држат заедно и да бидат заедно со синдикатот, во спротивно нема да успеат во нивната намера.“(Green, Death in the Haymarket, pp. 162–173) До оваа точка, добро планираните и координирани штрајкувачки акции останале генерално ненасилни, се до оној момент кога на крајот од работниот ден, работното ѕвоно не заѕвонело, група од работници се втурнала низ портите од фабриката и се судрила со „разбивачите“. И покрај обидите да се смират „разбивачите“, полицијата отворила оган на толпата. Двајца работници од МекКормик биле убиени (неколку весници, меѓутоа, посведочиле дека во суштина шест работници биле убиени). Подоцна, Спајс ќе посведочи: „Во тие моменти многу негодував. Од минатите искуства знам дека ваквото касапње на луѓе е со единствена цел да се порази и подрие движењето за Осумчасовен работен ден.“( Green, Death in the Haymarket, pp. 162–173.)

Вознемирени и бесни од чинот на полициското насилие, локалните анархисти набрзина испечатиле и поделиле вознемирувачки флаери кои повикувале на собир за следниот ден, 4 мај, на Хајмаркет Плоштадот, кој тогаш бил развоен комерциајлен центар близу улиците Рандолф и Дисплејнтс. Отпечатен на Германски и Англиски јазик, флаерите посведочиле дека полицијата убила двајца штарјкувачи во име на бизнис интересите, и ги повикала работниците да ја бараат правдата. Првата серија на флаерите ги содржела зборовите „Workingmen Arm Yourselves and Appear in Full Force! “ т.е. „Работни луѓе вооружете се и појавете се во цела сила!“. Кога Спајс ја здогледал токму оваа напишана линија, рекол дека нема да и се обрати на насобраната толпа доколку ваквите зборови не се тргнати од флаерот. Сите освен неколку стотина флаери биле уништени, а новите флаери биле отпечатени без насилните зборови (Avrich, The Haymarket Tragedy, p. 193). Повеќе од 20,000 копии од поправениот флаер биле дистрибуирани (Illinois vs. August Spies et al. trial transcript no. 1, 1886 Nov. 26 M. p. 255. Retrieved October 23, 2008).



Увертирата на овие настани веќе на сите Вам ви е позната, и опишана во кратки црти погоре. Според тоа, она што е важно е да се напомене дека по бомбашкиот напад и пукотниците кои се случиле на Плоштадот Хејмаркет во Чикаго, односно имајќи ги в предвид сите околности и настани кои започнале од 1 мај 1886 година, во Октомври 1886, конвенцијата одржана од страна на Федерацијата на Организирани Занаетчии и Работнички Синдикати, едногласно го избрале 1-ви Мај како датум од кој осум-часовниот работен ден ќе стане стандард. Подоцна, од страна на Социјалистите и Комунистите на Втората Интернационала, со цел да ги одбележат трагичните настани кои се случиле на 4 мај 1886 година, 1-ви Мај е избран како Меѓународен ден на Работникот.



Во поглед на симболиката и значењето на вчерашниот ден, кај нас во Република Македонија, суштината на овој меѓунарнодно признат ден е речиси и заборавена со нашето осамостојување од 8 септември 1991 година. Денес, како соц-реална реакција на едно горко потсетување за сеуште актуелните 23 годишни плуралистички и нормативни работничко-синдикални небулози, на ова наше референдумско, самодекларирано, пост-модерно капиталистичко општество, стојат две млади организации кои на своите плеќи го презеле товарот да ја разбистрат меморијата складирана во медула облонгата (лат. Medulla oblongata – централен дел од долниот дел на човечкиот мозок кој продолжува со `рбетниот мозок, и кој врши нервна контрола на сите витални органи на човековото тело кои се задолжени за најважните човекови функции) на секој уставо-пишан граѓанин на оваа држава. Целта на овие млади луѓе од Левичарското здружение „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“, иако често оспорувана и етикетирана како „комуњарско-носталгичарска“ и „СДС-мовско партиско диригирана“, лежи токму упорноста да се оттргне мрсната скараџиска краста наталожена во граѓанската медула облонгата, а настаната како резултат на богатата и разноврсна граѓанско-скараџиска традиција на размислување.

Како и секоја година, во изминативе пет години, тие се движеа од зградата на Сојузот на Синдикатите на Република Македонија, преку Паркот на Жената Борец (за воочување на симболиката на овој Парк, погледни некој од претходните есеи за истиот), пред Собранието на Република Македонија, долж бул.„11 Октомври“, преку ул.„Даме Груев“ и бул.„ВМРО“ (поранешен бул.„Маркс и Енгелс“), до пред бул.„Илинденска“ бб, пред Владата на Република Македонија, па повторно преку бул.„ВМРО“ до Плоштад Македонија.

Но и покрај упорните и борбени репетитивни пароли на учесниците на протестот, се чини дека оваа година постои една институционална иронија во сета оваа приказна.

Нели е иронично што упорноста на овие две млади организации, почнувајќи од овој 1 мај 2014 година, веќе ја зацементира сликата на фарса меѓу граѓанинот, како стожер на уставноста во Република Македонија, и Органите на Дравната Власт, како закупци на jus publicum т.е. јавното во нашата Држава. Овие две организации, во очите на оваа фарса од државна реалност, се единствената, реална, спона која, од една страна, Уставореченото граѓанство не ја ни искусило, а Власта како четиригодишен рецидив и Уставоречен граѓански jus publicum супстрат, од друга страна, не ја ни воочило.



И токму тука лежи нашата иронија.

Додека овие млади гласноговорници на улица ја хранат ѓраѓанската свест за „Јавното“, од една страна стои граѓанинот, кој наместо леб, јаде скара, а од друга страна стојат Органите на Државната Власт, преоблечени во ново, самоинтерпретирано нео-класично и барокно руво. Имено, зградата на Сојузот на Синдикатите на Македонија, дали е закупец на само еден спрат и неколку канцеларии од истата, поголемиот дел е полупразен и е раководен од закупничка квази-државна фирма СИН-АГ, која се занимава единствено со издавање закупнина на деловен простор и варење кафе. Паркот на Жената Борец, доби сексуална барокна трансформација. Собранието на Република Македонија, доби огромни стаклени куполи, налик на оние на Германскиот Рахјстаг, со таа разлика што кај нас Народот т.е. Граѓанинот нема пристап над куполата, за да преку неа ги надгледува своите Народни избраници при носењето на важни одлуки од јавната сфера. И секако, тука е комплексот на објекти на Владата на Република Македонија, преоблечени во самонаречен нео-класичен стил, кои како bona fide избрани граѓани на четиригодишно закупен државен простор, ја имплицираат идеолошката разлика меѓу смислата за граѓанинот и смислата за Власта.

Се чини дека симболичкото не е во трансферот на права и гласови кон одредени претставници на Власта, туку во приказот на одредена граѓанска група за себе, како дел од Власта, во име и за сметка на преостанатиот дел од граѓанството, како највисок елитистички израз на воља и желба на граѓанството. Со други зборови, прљавото и неуредното е невозможно да го измиеме, но доколку на истото му се даде една симболичка нарација за надмена репрезентативност и одважност, и истото го преоблечеме во такво самоимплицирано и интерпретирано ново руво, тогаш зошто граѓанинот, скараџијата, би се трудел да ја измие прљавштината, кога секогаш во негово име ќе има некој кој ќе изгледа и ќе нуди призор онаков каков што токму граѓанинот ниту знае, ниту може, а ниту разбира да биде?

Да се обидеме сега малку да ги појасниме нештата од поинаков агол.

Често нештата започнуваат како лажни, неавтентични, вештачки, па како резултат на тоа, сме фатени во сопствената игра. Подоцна ќе се покаже тоа е вистинската трагедија во Вертиго.

Вертиго (Вртоглавица) е приказна за двајца луѓе кои секој на свој/нејзин начин се фаќаат во сопствените игри на настапување. За обајцата, за Мадлен и за Скоти, настапот победува над реалноста.

Која е приказната во Вртоглавица?
Тоа е приказна за пензиониран полицаец, Скоти, кој има патолошки страв од височина, поради инцидент во неговата кариера. Еден негов пријател го најмува како приватен детектив да ја следи неговата преубава сопруга, Мадлен, играна од Ким Новак, жена која што е мистериозно опседната со духот на почината шпанска убавица, Карлота Владес. Скоти и Мадлен се вљубуваат. Жената се самоубива.

Првиот дел во Вртоглавица кој ја објаснува приказната за самоубиството на Мадлен, не е толку поразителен каков што би требало да биде, бидејќи тоа навистина е ужасна загуба, но во суштина оваа загуба идеалот преживува. Идејата за фаталната жена Скоти тотално го опседнува. Она што оваа фасцинанта слика на фатална жена во крајност го симболизира е смртта.  Фасцинацијата од убавина секогаш е завесата која го затскрива кошмарот, исто како и идејата за фасцинантото суштество, Мадлен, и на кое ако му се доближиме премногу блиску ги гледаме гомната и трулежот насекаде. Крајниот пад не е физичкиот пад, туку амбисот на смртта на другата личност. Тоа е она што филозофите го опишуваат како „ноќ на светот“ – кога ќе погледнеш некого во неговите/нејзините очи, го гледаш амбисот. Тоа е вистинската спирала на вртоглавицата која не привлекува.



Скоти, скршен и сам, лута низ градот, не можејќи да ја заборави Мадлен, барајќи жена, слична на неа, ќе најде една обична вулгарна девојка - Џуди. Новата девојка личи на Мадлен, се однесува како Мадлен, фаталната убавица, за подоцна да откриеме дека таа е Мадлен. Она што ќе го откриеме подоцна е дека пријателот на Скоти, кој го најмил како приватен детектив, исто така ја најмил и Џуди, да ја имитира Мадлен, а се со цел во таен заговор ја убие вистинската Мадлен за да и го земе богатството.

Кадарот од профил во Вртоглавица, можеби е најклучниот кадар во филмот. Таму е прикажан идентитетот на Мадлен, поточно на Џуди, во сета негова трагична тензичност. Тоа и дава мрачна позадина за фасцинантиот профил на Мадлен во ресторанот „Ерни“, на почетокот од филмот. Скоти во оваа сцена е премногу засрамен да ја погледне Мадлен директно во очи, па така ни се чини дека она што тој го гледа, на некој начин, е предмет од неговите сништа, кој е далеку по реален отколку реалната жена која седи на шанкот позади него. Овде, во суштина, симболички е претставен фактот кој често ни е пред очи, ние секогаш гледаме половично – само „едната половина“. Субјектот е нешто парцијално, лице кое што го гледаме, а позади него постои празнина - ништо. И секако, ние спонтано се стремиме да ја пополниме таа празнина, тоа ништо, со нашите фантазии за богатството на човековата личност, моралот, добрината и слично. За да видиме со што реалноста недостасува, да ја видиме таква каква што е, тогаш ја гледаме субјективноста. За да се соочиме со субјективноста, значи да се соочиме со женственоста. Женственото е субјектот, а мажественото е лажното. Мажественоста е бегство од најрадикалните кошмарни димензии на субјективноста.

Скоти, за да ја задоволи својата мажествена верзија на субјективно доживување за Мадлен, најпрво се принудува себе си, преку својата фантазија за Мадлен, ја принудува Џуди да купува и се облекува во облека која што би прилегала на фантазијата на Скоти за Мадлен. Џуди на моменти пружа отпор, но Скоти тоа не го прифаќа под изговор дека само така Џуди би изгледала субјективно задоволително.



Кога Џуди е веќе преоблечена како Мадлен, таа е веќе реализирана фантазија под нејзиното вистинско име – кошмар. Реализирана фантазија, што тоа подразбира? Секако, таа се одржува единствено преку екстремно насилие. Во овој случај, насилство манифестирано од Скоти, брутално преоблекувајќи ја Џуди, реална и обична девојка, во Мадлен, фантазијата на Скоти. Навистина, тоа е процес на мортификација, што истовремено е и мортификација на желбата за жена.  Со цел да се има Марлен, жена, да се посакува, сексуално да се општи со неа, Скоти мора да ја мортифицира, односно видоизмени во мртва жена. За целите на машкото либидо важи парафразираната изрека: „Единствената добра жена е мртвата жена.“ Оттука, Скоти не е фасциниран од Мадлен per se, туку од целата сцена, драматизација. Тој гледа наоколу, проверува, балансира, координира, дали фантастичните координати се реално тука. Во онаа точка, кога реалноста во целост се поклопува со фантазијата, Скоти е подготвен да го реализира долго одложениот сексуален чин.

Според тоа, резултат на ова насилство е совршена координација меѓу фантазијата и реалноста, еден директен краток спој.

Што тука навистина не мачи, бруталната реалност или фантазијата?
Логиката овде е типично Фројдовска, ние бегаме во сништата, за да побегнеме од ужасната реалност. Но тогаш, она што ќе го доживееме во сништата станува уште поужасно, така што тогаш бегаме дури и од сништата, назад во реалноста. Во прв поглед ќе речеме, сништата се за оние кои не можат да издржат, кои не се доволно силни за реалноста. Меѓутоа, во суштина, подоцна гледаме дека реалноста е за оние кои не се доволно силни да се соочат со своите сни.



Па во смисла на погоре кажаното, секако, во нашиот Устав од 1991 година во „новата“ Преамбула, алинеја 5, е утврдена една од целите заради која, како израз на заедничка желба и волја да се изрази во целост „историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија “, - „да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот “. И секако, во чл.8 алинеја 8 како дел од темелните вредности се впишано и „хуманизмот, социјалната правда и солидарноста “, односно во Одделот 2  се предвидени за Економски и социјални слободи и права кои како такви предвидуваат: слобода на работа, право на работа, парво на синдикално организирање, право на штрајк, право на социјална сигурност и правото на социјално осигорување. Тие како такви ја надополнуваат желбата, не само на уставотворецот, туку и на граѓаните за заедничка социјална држава, односно ги втемелуваат координатите за карактерот на економските односи во Република Македонија, и изразот на социјална правда дефиниран од Државната Власт.

Имајќи ги во предвид овие факти, тогаш како е можно да врз основ на годишните статистички податоци од Заводот за статистика на РМ за 2013 година, изготвени на годишно ниво, а објавени на 30.05.2013 година (http://www.stat.gov.mk/pdf/2013/2.1.13.13.pdf) , бр.2.1.13.13, под табелата Т-03: Обвинети полнолетни лица според групите на кривични дела, видот на одлуката и полот, да во графата за сторени Кривични дела против работните односи, да се обвинети вкупно 19 лица, од нив 6 да се жени, 12 од нив се прогласени за виновни, за 2-ца постапкат е запрена, а за 5 обвинението е одбиено, и при тоа сме доволно информирани дека во нашето трудово право е воведен отказ без отказен рок, намалена испратнина, која се исплаќа при прогласувањето за „технолошки вишок“, намален паричен надоместок што се добива во случај на привремена невработеност, укинување на уставната можност за работничко управување во приватните компании, судски да се забрани дејствувањето на некој синдикат или организирањето штрајк, како и укината можност работниците да заминат во пензија врз основа само на својот остварен работен стаж, воведени глоби за работниците што непријавени работат на црно (одредба што е соборена како противуставна, но која повторно е вратена), ги намалување на деновите за годишен одмор, укинување на надоместоците на плата и трошоците во врска со работата - преку концептот на „бруто-плата“, итн. (http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=4301386313&id=9&setIzdanie=22869&fb_action_ids=10152345644402180&fb_action_types=og.likes&fb_ref=.U2FF1AvmMSY.like).

Или можеби пореални се одлуките од „низата мерки за поттикнување на вработувањето“ на невработени млади лица до 29 години за ставање во законска рамка на можноста за ослободување од плаќање на социјални придонеси на работодавачите кои ќе вработат лице до 29 години, која беше усвоена од Собранието на Р.Македонија (http://netpress.com.mk/nova-merka-za-vrabotuvanje-na-mladi-lica-do-29-godini/) vis-a-vis Уставната одредба по чл.33 каде: „Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. “ Или можеби со одредбите од чл.34 „Граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. “ ?

Дали овие одлуки и мерки се пореални отколку одредбите во Уставот, или се истите израз на „брутална реализација на фантазијата“?

Во Кривичниот законик на Република Македонија, кој покрај Уставот, како ултимативна заштита на слободите и правата на граѓаните, во глава 18-та од чл.166 до чл.171 постојат одредби кои се однесуваат на Кривични дела против работните односи. Во нив спаѓаат: Повреда на правата од работен однос (чл.166), Повреда на правото од социјално осигорување (чл.167), Злоупотреба на правата од социјално осигорување (чл.168), Повреда на правата за време на привремена невработеност (чл.169), Непревземање мерки на заштита при работа (чл.170) и Повреда на правото за учество во управувањето (чл.171).

Во истиот Закон, во членовите 28-а, 28-б и 28-в кои се однесуваат на кривичната одговорност на правните лица во Република Македонија. Врз основ на чл.28-а правното лице, каде што се предвидени Условите за кривична одговорност на правното лице, покрај преостанатите таксативно наброени кривични дела за кои истото може да одговара стојат и погоре споменатите членови 166, 167, 170 и 171. За делата предвидени по чл. 168 и 169 од КЗ, правното лице не може да одговара, бидејќи такви измени сеуште не се извршени во овој закон.



Тогаш, како е можно да ни се протнуваат законски решенија, опишани погоре, кои бесмислено ги подриваат основните правни норми срочени во нашиот Устав, а кои не нудат никаква можност за превентивна и казнена делотворност на веќе `рѓосаниот правен систем?

Дали нашата реалност е толку очајна што дури и при бегството кон непосакуваниот кошмар ни се чини јалов обид? Во суштина, сите одредби, дали Уставни или законски се најобична парола на транспарент, која е потребна само моментално, субјективно и парцијално пополнета во оној празен – ништожен простор каде се кршат копјата на сонот за спроведување на Уставот и сонот да се согледа реалното. Токму тоа е вистинската реалност на имплементацијата на ваквите нормативи - бегство од најрадикалните кошмарни димензии на субјективноста. Тоа е ебење на мртво, впрочем нели „Единствената добра жена е мртвата жена“?!

Ако нешто не учи историјата, тогаш треба да сфатиме дека таа се повторува, најпрво како трагедија, а потоа како фарса.

Од една страна ги имаме скараџиите, а од друга барокџиите. На овие првите, се чини дека, мажественоста е еквивалент на гастрономијата, додека на овие вторите, мажественоста лежи токму во беспрекорниот приказ за „љубовта кон народот“ и негово фетиширање. За обете страни грдата и загомнетата нормираност е реалноста која е сосема доволна за оние кои не се доволно силни да се соочат со своите сни.. 



Суштината на „Вртоглавица“ од Хичкок овде лежи токму во одлуката на нашиот херој од 03.05.1886 година од Чикаго, Аугуст Спајс. Одлуката да се поништат флаерите на кои пишувало „Workingmen Arm Yourselves and Appear in Full Force!   поради тоа што биле премногу насилни, па поради тоа немало да се обрати на насобраната толпа на работници во Чикаго, е во суштина соочување со пропаста од сопствените сни пред очигледната брутална реалност.

Кај нас, „Вртоглавицата“ е негде сеуште во воздухот, измеѓу оној простор што е толку широко поставен од скараџиите и барокџиите, а во кој се издигнати на пароли Уставните и Законските одредби и кои очајно го бараат своето јаве во лудницата од немилосрдни кошмари. Постои една мала група на актери кои ја погледнале таа координација меѓу фантазијата и реалноста.


Треба да им се даде шанса и да се поттикнат нивните пароли за да ни помогнат да се соочиме пропаста од сопствените луцидни сни. 


No comments:

Post a Comment